ДУИ и СДСМ конечно се договорија кој ќе го води Врховниот суд

Објавил: Данаил Михајловски | 10 септември, 2019 15:33

ДУИ доби в.д. претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски разрешен

Фото/Текст извор: ©магазин

Разрешувањето на досегашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, иако беше контраверзно, сепак подолго време беше најавувано и очекувано. Но, скоро една година се одолговлекуваше ставањето на оваа точка на дневен ред пред членовите на Судскиот совет. Денешниот исход од гласањето покажа дека конечно власта постигнала усогласен договор за наследникот на Јово Вангеловски, а тоа ќе биде кадарот на ДУИ, судијата Фаик Арслани. Ова битно челно место во судскиот систем се очекува да ги зајакне позициите на ДУИ во рамките на владината коалиција, но исто така да им даде можност да бидат многу посериозен актер во однос на одредени судски процеси кои имаат и политичка конотација, особено оние предмети кои се поврзани со СЈО. Накратко, досегашниот судија Вангеловски, кој важеше за близок до ВМРО-ДПМНЕ, се заменува со судија во Врховниот суд кој е близок на ДУИ.

Арслани е роден во 1959 година во селото Добридол, Гостиварско. Студиите ги завршил на Правниот факултет во Нови Сад во рамки на социјалистичка федеративна Југославија. Во неговата биографија стои дека бил вработен во Опшинското јавно обвинителство – Гостивар, по што работел и како претседател на Општинскиот суд за прекршоци во Гостивар. Од 1996 година до 2001 година бил судија при Основниот суд Гостивар. За време на формирањето на првата владина коалиција меѓу СДСМ и ДУИ во 2002 година, Арслани, по предлог на партијата на Али Ахмети, беше избран за министер за локална самоуправа при Владата на премиерот Бранко Црвенковски. Од 2004 година до 2008 година работи како адвокат со седиште во Гостивар. Од 2008 година Арслани е член на Советот на јавните обвинители на Република Македонија избран со одлука на Собранието. Од септември, две години подоцна работи како судија на Врховниот суд на Република Македонија. Судијата арслани беше и член на телото за реформи во правосудството кое во 2017 година го формира тогашниот министер за правда од редовите на ДУИ, Билен Салији.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести