Емилија Динева по потекло е од Јосифово, а со семејството долги години живеела во Стар Дојран.

Објавил: Рејхан Бајрами | 25 мај, 2020 14:04

ЕМИЛИЈА ДИНЕВА ИСПРАТЕНА ВО ВЕЧНИОТ ДОМ: Последно збогум на гробиштата во Сретеново!

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Вчера на гробиштата во Сретеново, Дојран беше погребана Емилија Динева, чие срце спаси еден човечки живот, а нејзините бубрези спасија уште два. Нејзиното семејство ја потсети Македонија, што значи да се биде хуман човек и во најтешките моменти.

Емилија Динева по потекло е од Јосифово, а со семејството долги години живеела во Стар Дојран. Загубата тешко ја поднело цело семејство, но ги тешела помислата дека спасиле три животи.

-Се ни е како во сон, уште не можеме да сфатиме дека ова навистина се случува. Настаните се нижеа еден по друг за многу кратко време, но полека се совземаме и ги средуваме мислите. Песимизмот дека мојот татко Иван ќе добие срце, дека ќе добие шанса за живот, денес веќе е зад нас – раскажуваше Васил Огњановски, син на Иван (54), првиот пациент во земјава кој по пат на трансплантација од починат донор доби срце.

Емилија Динева беше жената чии органи, едно срце и два бубрези го продолжија животот на тројца други луѓе. Емилија Динева го загуби својот живот во трагична несреќа, возејќи мопед. 

Од семејството на Динева изјавија дека и други луѓе треба да го следат нивниот пример. Во најтешките мигови тие се одлучиле дека најдобро е да се донираат здравите органи со цел да се спасат други човечки животи.

Пред два дена на Клиниката за кардиохирургија во државниот Клинички центар во Скопје се изведе првата трансплантација на срце во Република Македонија, која заврши со позитивен исход!

Првата трансплантација на срце во земјава ја работеа мешан тим кардиохирурзи, врвни експерти од повеќе здравствени установи меѓу кои и проф. д-р Сашко Јовев од државната кардиохирургија и д-р Жан Митрев од „Жан Митрев Клиник“!

Македонскиот шоумен Игор Џамбазов, кој некое време веќе живее во Сретеново, преку својот Инстаграм профил се збогуваше со Динева.

„Почивај во апсолутен мир, пријателке Емилија. И да знаеш. Твоето семејство не потсети што значи да се биде хуман и во најтешките моменти. Твоите најблиски покажаа колку големо срце имаат. Срце големо колку просторот од твоето Јосифово, до нашиот единствен Дојран. Диневи, Ви се поклонувам до земја…“, напиша Џамбазов на неговиот профил.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од InMemoriam