Овие денови херој на спроведување на законот кон секого е Ѓорѓи Илиевски, просветен инспектор, кој ги откри незаконските професорски звања на министерот за образование Арбр Адеми, и на заменикот во МВР, Агим Нухиу, на Тетовскиот универзитет. И покрај тоа што добивал закани да не го објавува случајот, сепак инспекторот Ѓорѓи го објави овој скандал, а за истиот ги известил премиерот Заев, но и амбасадите на земјите членки на ЕУ во Македонија. Во самиот скандал не само што постои морална одговорност за неотповиклива оставка на министрите Адеми и Нухиу, туку има основи и за кривична одговорност за злоупотреба на службена положба и овластување (член 353 од КЗ), за што и двајцата би можеле да бидат осудени со затворски казни од 6 месеци до три години. Заев треба да избере меѓу инспекторот Ѓорѓи или министрите Адеми и Нухиу!
Во неговото интервју за ТВ21 инспекторот Ѓорѓи Илиевски изјави “веќе имам проблеми и закани, заплашувања од јавни функционери и други личности, а замолен сум и од министерот за образование Адеми и од заменикот министер за внатрешни работи Нухиу, да го стопирам и скријам тој случај, што не е можно бидејќи би било злоупотреба од моја страна и правење на кривично дело. Затоа целокупната документација е доставена до премиерот Заев, до Антикорупциската комисија, како и сите странски амбасади. Значи ако одиме со тое „Едно општество за сите“, законот треба да важи за сите, па и за функционерите, а не само за обичниот работник“.
Ваквиот скандал во образованието и на факултетите, особено кога се работи за министер за образование кој треба да биде пример за почитување на законите за образование, доколку би се случиле во Словенија, Австрија или Франција, би биле сериозен политички потрес кој сигурно би повлекол и оставки на функционерите, но и нивна одговорност пред судот. Случајот тешко ќе може да се заташка бидејќи ваквиот скандал, според начинот на комуникација преку амбасадите, сигурно веќе е стигнат како телеграма до германското, француското, холандското министерство за надворешни работи, и несомнено за истите незаконитости се запознаени и дипломатите во Брисел кои работат на досието на Македонија и степенот на почитување на правото.
Премиерот Заев, министерот Димитров и вицепремиерот Османи деновиве се трудат да ги убедат Меркел, Макрон и Руте дека во Македонија владее правото, дека има реформи и дека тоа се аргументи за почеток на преговорите со ЕУ. Но, тешко е да ги убедите туѓите премиери дека во Македонија има законитост, особено кога тие се добро информирани дека дел од министрите на Заев се прекршители на законите во нашата држава. Време е законите да важат подеднакво за сите!
»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.
You must be logged in to post a comment.