Силјановска беше и министер без ресор од 1992 до 1994 година во првата влада која како премиер ја предводеше Бранко Црвенковски.

Објавил: admin@magazin | 16 февруари, 2019 20:07

Која е Гордана Силјановска -Давкова, кандидатот за претседател на Република Македонија ?

Фото/Текст извор: ©фактор

Силјановска беше и министер без ресор од 1992 до 1994 година во првата влада која како премиер ја предводеше Бранко Црвенковски. Година претходно била и член на Уставната комисија на Собранието на Република Македонија во 1991 година која презеде значајни чекори во независноста на земјата.

Докторирала со почести во 1993 година на Универзитетот во Љубљана. Основач е и на првиот Совет на европско движење во Македонија. Во периодот од 2012 до 2016 беше и член на Веницијанската комисија за малцински прашања.

Денес е Силјановска редовен професор на правниот факултет во Скопје, во Институтот за правни и политички науки. Автор е на над 200 научни трудови од областа на уставното право, како и член на бројни домашни и меѓународни институти и правни асоцијации.

Жесток критичар на двојазичноста

Силјановска гостуваше во десетина емисии во кои цврсто застана против новиот Закон за употреба на јазиците со кој де факто се воведува двојазичност во Македонија на повеќе нивоа вклучувајќи ги сите институции. Таа е еден од фронтмените заедно со професор Ванковска и академик Ќулафкова, за што добија и бројни етикети од медиумите, особено дека со нивните настапи ширеле „албанофобија“ и дека наводно биле блиски до политиките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Секако, Силјановска Давкова се противеше на ваквите инсинуации и во своите настапи користеше исклучително правни аргументи, особено за постапката во која беше донесен законот со европско знаменце.

„Ако моите родители биле тепани да пишуваат и зборуваат на српски јазик, ако баба ми и дедо ми исто така морале да зборуваат бугарски јазик едно време, таа асоцијација е лоша, а богами за владеење на Втората светска војна во западниот дел на Македонија и документите и актите биле на албански јазик. Значи заканите не можам да ги разберам бидејќи ние и од говорница чувме дека „Ако не сакате , ќе морате да го учите“, велеше Сиљановска Давкова. Давкова не се согласуваше со подоцнежните драми Иванов да не го потпише законот, кој откако беше вратен со вето беше изгласан со апсолутно мнозинство, па така спикерот Џафери во невообичаена процедура која се уште се спори го парафираше и го испрати законот на објавување во Службен весник.

Силјановска заедно со пленумот побара и од Иванов да стави вето доколку законот се изгласа во Собрание, но по големиот јавен притисок и издржливоста на пленумите кои прогласија автономна зона на факултетите, власта на ВМРО-ДПМНЕ го повлече законот на почетокот на 2015 година.

Борец против Преспанскиот договор

За неа Преспанскиот договор е неприфатлив и покажува дека Македонија е земја во распаѓање која се ставила во подредена улога на Грција со дозвола да и се мешаат дрско во внатрешните прашања и вели дека „покраината Македонија во Грција веќе го прогласи Солун како главен град на Македонија“ и тоа пред странски гости (на парадата во Солун на 28 октомври н.з.) и притоа истакна дека ние ќе го изгубиме најважното – придавката „македонски“.

Таа во обемна правна анализа на договорот за решавање на спорот за името потенцира и дека уставните измени кои се преземаа се недозволиви, грбо кршење на сите принципи, а дека се навлегува целосно во промена на „историјата, македонскиот идентитет, македонскиот јазик, културата и образованието, политичкиот и административниот систем, УСТАВОТ, слободите и правата на човекот и граѓанинот“

Еден од лидерите на професорскиот пленум

Професорката по уставно право во жестоката 2014 година која ја одбележаа протестите на студентите, беше еден од најистакнатите членови на професорскиот пленум во обид да ја одбрани автономијата на универзитетот кога се носеше спорниот Закон за високо образование. Таа беше дел и од протестот на професорите пред Собранието каде одржа одличен говор зошто предложеното законско решение е погрешно, ја критикуваше затвореноста на министерството за образование кое не ги консултираше експертите, а не се сложуваше ниту со недостигот на концепт како да се развива факултетското образование.
„Не верувам дека ќе треба овде да зборувам. Мислев дека ќе дојдат на факултетите, на универзитетите за таму низ дијалог да разговараме за реформата на високото образование… Не верував дека ќе треба овде да стојам зашто очекував да не поканат на Комисијата за образование, спорт и наука.

Не не поканија. Не ми преостанува ништо друго освен овде да потсетам дека студентите ги учат дека политиката е дијалог. Дијалог не може да има ако ние сме овде, а тие се таму“ говореше Силјановска.

Мала криза пленумот доживеа кога поранешниот премиер Никола Груевски застана да разговара со професорите кои беа собрани за да одржат прес конференција. Постоеше мала конфузија и несмасна реакција бидејќи во тој момент јавноста, особено студентите очекуваа жестоко соочување на елоквентните професори против политичарот кој го сметаа за главен виновник за лошите реформи во образованието. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести