Ако Џафери ја отфрли и оваа иницијатива, пратеникот на Левица Борислав Крмов се закани дека, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, целосно ќе го блокираат Собранието

Објавил: Македонка Димкин | 16 септември, 2022 19:03

Левица и ВМРО-ДПМНЕ договараат нов референдум против Договорот со Бугарија

Фото/Текст извор: ©Sloboden pecat

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи иницијативата на Левица ако таа е граѓанска и ако е против Договорот со Бугарија, потврди претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Доколку Џафери и неа ја отфрли, Собранието ќе се соочи со целосна блокада, најави опозицијата.

Опозицијата не се откажува од намерата со референдум да го поништи Договорот со Бугарија. Откако пропадна првиот обид на ВМРО-ДПМНЕ, спикерот Талат Џафери ја отфрли иницијативата откако оценил дека е неуставна – сега Левица најави дека таа ќе се обиде со ново референдумско прашање. Иднава недела барањето ќе се најде пред претседателот на Собранието.

Ќе ја поддржиме секоја иницијатива што е во насока на тоа што ние го бараме, без разлика од која група граѓани доаѓа, дали таа група е политичка партија или не. Ако темата се однесува на тоа да делуваме директно кон изворот на сите овие проблеми, не гледам причина да не ја поддржиме – објасни Мицкоски.

Левица допрва ќе одлучи како ќе гласи референдумското прашање, но извесно е дека неговата формулација ќе биде таква за да сугерира одговор – „против“. Против Договорот со Бугарија, против францускиот предлог или комбинирано.

Ако Џафери ја отфрли и оваа иницијатива, пратеникот на Левица Борислав Крмов се закани дека, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, целосно ќе го блокираат Собранието.

Мицкоски вели дека „ако се влезе во вителот на иницијативи што ќе бидат отфрлани, тогаш сме ја испуштиле суштината“.

Суштината е како да го спречиме овој асимилаторски договор да нанесе штета на идентитетот на македонскиот народ. Вратата со која се отвора можноста да се направи асимилацијата на македонскиот народ е промената на Уставот. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволат никаква промена, ниту сега кога сме опозиција ниту кога ќе формираме влада. Следната влада на ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да седне на маса со владата во Софија и повторно да ги преговара овие околности што ние цениме дека се асимилаторски и се кочница на патот на Македонија кон ЕУ и да постигнеме еден вистински добрососедски договор – рече Мицкоски.

По одбивањето на иницијативата за референдум, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ почна со нова тактика во веќе почнатата активната блокада на Собранието. Во комисијата за избор на уставните судии, на пример, почнаа да се водат рекордни, маратонски дискусии. Пратеничката Бети Стаменкоска Трајковска десет часа зборуваше зошто републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески не треба да биде нов уставен судија. Според листата на пријавени пратеници, за новите уставни судии да дојдат на пленарна седница, ќе поминат најмалку уште 20 дена, под услов Комисијата да заседава секој ден и на седницата да говори само по еден пратеник.

Од опозициската партија велат дека со долги дискусии, но и со други тактики ќе ги блокираат сите собраниски комисии за да не може законите да стасаат на пленарни седници. На пленарките, пак, опозицијата ќе продолжи со блокадите преку процедурални јавувања, реплики, со поместување на точките на дневниот ред, со одбивање да прават кворум за почеток на седниците…

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, по најавата за нова иницијатива за референдум, оцени дека негов личен став е дека Левица не е македонска партија, туку партија во функција на руската пропаганда, за да го сврти македонскиот народ против ЕУ и САД.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести