Најчевска пак се налути, овој пат на "соборците" со кои под велот на "граѓански активизам" го шараа Скопје со боја, сите станале функционери само таа добила кривична пријава

Објавил: Мартин Попоски | 11 октомври, 2018 14:13

Најчевска до Заев и Шекеринска, зошто само јас на суд?

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Професорката и граѓанската активистка, Мирјана Најчевска, на нејзиниот блог “Квадратура на кругот” обвини за двојни аршини на актуелната власт.

Во писмено обраќање со наслов “Доле режим – да живее режимот” Најчевска објави дека вчера, 10.10.2018, добила покана да се јави на суд за фрлање на боја врз полициска станица за време на Шарена револуција.

Професорката бара прекршочно да се гонат и премиерот Заев и вицепремиерката Шекеринска, бидејќи и тие учествувале во Шарената револуција.

Интегрално текстот на Најчевска:

Претседателот на СДСМ, актуелен премиер на Македонија, Зоран Заев како гаѓа со боја врз објектот на Министерството за правда на Република Македонија за време на партиската Шарена револуција.

Денес (10.10.2018 година) добив две покани од Министерството за внатрешни работи (Сектор за прекршоци) во кои ме повикуваат да дојдам во Комисијата за прекршоци во својство на сторител, а врз основа на барања за поведување на прекршочна постапка поднесени од страна на Министерството за внатрешни работи до Министерството за внатрешни работи (повторувањето не е грешка туку факт) заради сторен прекршок: оштетување на јавна зграда.

Барањата за поведување на прекршочна постапка од Министерството за внатрешни работи се доставени до Министерството за внатрешни работи на 6.07.2016 година и на 11.07.2016 година (од претходниот режим), а се процесирани на крајот од 2018 година (од сегашниот режим).

Многу интересна ситуација ова со поканиве.

Прво, Шарената револуција беше граѓанско движење против еден диктаторски режим кое успеа на најбезболен и најбезбеден начин (со фрлање на боја врз објектите на државната власт) и без никакви жртви да го сруши режимот. Повикувањето на одговорност за фрлањето боја врз објекти на државната администрација е еднакво на повикување на одговорност за рушење на диктаторскиот режим. Значи, јас треба да бидам казнета затоа што сум го срушила диктаторскиот режим.

Со други зборови, полицијата на политичката гарнитура која беше донесена на власт како резултат на ова граѓанско движење ги гони претставниците на граѓанското движење заради тоа што ја донеле на власт.

Второ, не се повикуваат на одговорност сите учесници на Шарената револуција туку само оние кои не влегоа во власта.

Со други зборови, како реузлтат на фрлањето боја Заев стана премиер и заради тоа никому не му паѓа на крај памет прекршочно да го гони.

Како резултат на фрлањето боја Шеќеринска стана министер за одбрана и заради тоа никому не му паѓа на крај памет прекршочно да ја гони.

Како резултат на фрлањето боја Шилегов стана градоначалник и заради тоа никому не му паѓа на крај памет прекршочно да го гони.

Kако резултат на фрлањето боја Павле Богоевски стана пратеник и заради тоа никому не му паѓа на крај памет прекршочно да го гони.

Самопрокламираниот граѓански активист, Павле Богоевски, актуелен пратеник од редовите на СДСМ во Собранието на Република Македонија, фотографиран како гаѓа со боја врз објектот на Законодавниот дом.

Јас останав граѓански активист и заради тоа мене прекршочно ме гонат.

Со тоа е прекршен Уставот на Република Македонија, Законот за спречување и заштита од дискриминација и на крај и членот 8 (Начело на еднаквост, непристрасност и објективност) од Законот за општата управна постапка.

Трето, самата покана се повикува на член 67 од Законот за општа управна постапка од 2005 година и покрај тоа што тој закон престанал да важи 2015 година (член 140 од Законот за општа управна постапка) со што е прекршен членот 5 од Законот за општа управна постапка (начелото на законитост).

Четврто, барањето за поведување прекршочна постапка не ги содржи елементите предвидени во членот 90 (Содржина на барањето) од Законот за прекршоци.

Петто, во поканата сум означена како сторител, не осомничен, со што е нарушена презумцијата на невиност и органот кој ја испратил поканата веќе донел одлука за случај во кој јас не сум ни обвинета, судена ни осудена.

Шесто, во двете барања како службеник кој го констатирал прекршокот се наведува исто лице Николоски Гоце од ПС ОН “Центар“-СВР Скопје и покрај тоа што станува збор за два различни настани, кои се случиле во различно време и на различно место.

Заради сето ова како наведува Најчевска ќе преземела соодветни мерки и тоа:

Лицемерието и удри шамар во реалноста на Најчевска, на фотографијата по шарањето на Министерството за правда на Македонија, гордо сликани од лево кон десно, сегашните, пратеник Павле Богоевски, премиер Зоран Заев, градоначалник на Карпош, Стефан Богоев и министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска

Прво, ќе поднесам пријава за дискриминација до Комисијата за заштита од дискриминација и Народниот правобранител.

Второ, ќе поднесам кривична пријава против началникот на одделението за прекршоци на СВР Скопје Мехди Мустафа (потписник на барањето), заради злоупотреба на службената должност.

Трето, ќе поднесам кривична пријава против службеното лице Петрушевски потписник на поканата заради нарушување на пресумпцијата на невиност и злоупотреба на службената должност.

Четврто, ќе поднесам кривична пријава против униформираниот полициски службеник Николоски Гоце заради сомнение за давање лажен исказ и мамење во вршење на служба.

Петто, ќе поднесам тужба за дискриминација против министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по командна одговорност.

И на крај, драги мои актуелни властодржци, со ова покажувате дека вие не го срушивте диктаторскиот режим, туку само станавте нови корисници на истиот. – пишува Најчевска.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести