Центарот е опремен со интерактивен панел кој овозможува 3Д модели од анатомија, микроскопи, анатомски модели од човековото тело, модели на ДНК, целосен хемиски лабораториски сет и апарат за дестилација.

Објавил: Владо Марин | 15 октомври, 2020 14:58

НОВ ЕДУКАТИВЕН ЦЕНТАР ЗА ПРИРОДНИ НАУКИ ОТВОРЕН ВО ДКЦ „КАРПОШ“

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Во Детскиот културен центар „Карпош“ денеска беше отворен нов едукативен центар кој ќе можат да го користат деца и млади од 5 до 17 години за надградување на своите вештини и знаења од областа на природните науки. Oпремата за едукативниот центар е донација од фармацевтската компанија „Варус“, која го одбележува својот 30-годишен јубилеј.

Центарот е опремен со интерактивен панел кој овозможува 3Д модели од анатомија, микроскопи, анатомски модели од човековото тело, модели на ДНК, целосен хемиски лабораториски сет и апарат за дестилација.

– Денеска е убав ден за Детскиот културен центар „Карпош“, отвораме нов едукативен центар благодарение на општествената одговорност на компанијата „Варус“. Станува збор за центар во кој нашите деца, нашите ученици, ќе можат надвор од своите редовни школски активности да ги развиваат своите афинитети кон природните науки во најсовремени услови кои беа овозможени благодарение на оваа донација. Ќе ги повикам и другите општествено одговорни компании во нашиот град да инвестираат во знаењето на децата, на оние што ќе треба да бидат носители во нашето општество. Благодарност и до вработените во ДКЦ кои несебично се вложуваат со натчовечки напори во овие тешки услови во кои живееме активностите на децата да не запрат – рече градоначалникот Петре Шилегов.
Директорката на ДКЦ, Билјана Лалчевска Серафимовска, дополни дека компанијата „Варус“ хортикултурно го уредила и надворешниот простор пред ДКЦ – мала ботаничка градина, во која децата и нивните родители ќе уживаат во паузите меѓу активностите кои во центарот се одвиваат под посебни протоколи за заштита од Ковид 19.

 Како одбележување на 30-годишнината на „Варус“, овој центар за природни науки претставува наш мал придонес во развојот на потенцијалите на нашите најмлади истражувачи и идни научници во државата. Се надеваме дека дополнително ќе го поттикнеме нивното љубопитство за природните науки, да ги прошират своите хоризонти и да ги остварат своите идеи – рече денеска Марко Нововиќ, директор на компанијата „Варус“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.