Фамозниот закон за селективна амнестија во својот текст на три странички во пет члена објаснува кој нема да добие амнестија и како обвинителството ќе мора да го прифати

Објавил: Мартин Попоски | 18 декември, 2018 5:34

Познат законот за амнестија, на три страни, пет члена

Фото/Текст извор: ©360stepeni.mk

Пет члена на неполни три страници, ете тоа е нацрт законот за амнестија, текст што најверојатно уште денес ќе го разгледува Интерпартиското парламентарно тело за помирување, а веднаш потоа ќе влезе и во собраниска процедура.

Содржински, нацрт законот повеќе се занимава со тоа кој нема да биде амнестиран.

Во членот 1, став 1 и 2, прво се предвидува амнестирање на сите осомничени, обвинети и веќе осудени за кривични дела извршени на 27 април во Собранието. Потоа, во ставот 3 од истиот член 1, се наведуваат исклучоците од амнестијата:

Нацрт-закон за амнестија (Член 1, став 3)

Одредбите од овој член не се однесуваат на лица осомничени, обвинети, правосилно осудени, како и лица кои издржуваат затворска казна за настаните поврзани и во врска со настаните во Собранието на РМ од 27.04.2017 година … кои до денот на влегување во сила на овој Закон сториле кривично дело Здружување заради непријателска дејност од член 324 ст.1 од Кривичниот законик, лица со прикриен идентитет кои употребиле физичка сила или лица кои постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста по чл. 313 од Кривичниот законик, убиство по чл.123, насилство по член 386 од Кривичниот законик.

Вака дефинираниот член значи дека обвинението на Вилма Русковска за терористичко загрозување на уставниот поредок според член 313 од Кривичниот законик паѓа во вода, освен за маскираните лица што сториле насилство и за оние што го извршиле ова дело, постапувајќи спротивно на службените овластувања.

Според ова, извесно е дека амнестијата нема да се однесува на припадниците на полицијата, собраниското обезбедување и на другите безбедносни служби. Во таа група на обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, кои тогаш имале службени овластувања, се:

Митко Чавков, тогашен директор на Бирото за јавна безбедност и раководител на оперативниот штаб со златна команда;

Митко Пешов, началник на Оддел за специјални полициски операции со сребрена команда;

Душко Лазаров, началник во Оддел за униформирана полиција, кој бил дежурен во Оперативниот штаб.

Меѓу обвинетите службеници се и Оливер Поповски – екс началник во МВР, полицискиот службеник Мунир Пепиќ. Од Собраниските службеници за истото се товарат шефот на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски – Леви и Абдулфета Алими од собраниското обезбедување.

Првичните толкувања на законот велат дека амнестијата не ги опфаќа ниту овие лица.

Амнестијата нема да важи за екс-директорот на УБК Владимир Атанасовски, кој е во притвор под сомнение за сторено кривично дело Здружување заради непријателска дејност според членот 324, наведен меѓу исклучоците од амнестијата.

Обвинителката Вилма Русковска повеќепати изјавуваше дека нема намера да го менува обвинението и да го преквалификува делото за кое се обвинети 33-те лица опфатени со судскиот процес. Но, откако законот ќе биде донесен, а тоа може да се случи веќе денес, тој во среда веќе би влегол во сила, па обвинителството и судот ќе бидат соочени со нова ситуација.

Сите 33-ца обвинети ќе имаат пет дена за да поднесат барање за амнестија. Судот во рок од пет дена од приемот на барањето, ќе треба да донесе решение за амнестија.

Теоретски, амнестија ќе може да побара и, на пример, Митко Чавков, но за очекување е дека судот не би го прифатил неговото барање со образложение дека тој е обвинет дека постапил спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело – терористичко загрозување на уставниот поредок. Со оглед на тоа што во судскиот процес за 27 април допрва следуваат завршните зборови, обвинителката Русковска ќе може да го преквалификува делото за дел од обвинетите, па наместо за терористичко загрозување да ги гони за, на пример, здружување заради непријателска дејност или насилство.

На прв впечаток, збунувачки се чини ставот 4 од членот 1 од нацрт-законот за амнестија, кој прави исклучок од исклучоците од амнестијата. Таа одредба гласи:

Нацрт-закон за амнестија (Член 1, став 4)

Овој исклучок (се мисли на ставот 3 од член 1) не се однесува на сторители на кривично дело од член 386 – Насилство, како и сторители на кривично дело од член 324 – Здружување заради непријателска дејност од Кривичниот законик во врска со член 18,19, 23, 24 од Кривичниот законик.

Протолкувано, ова значи дека ќе бидат амнестирани лицата гонети или осудени за обид, подготовка, поттикнување или помагање на насилство. Истото важи и за лицата осомничени или обвинети за обид, подготовка, поттикнување или помагање на Здружување заради непријателска дејност. Упатени во процесот велат дека оваа одредба е вметната за да се осигура дека обвинетите пратеници, кои ги отворија вратите на Собранието, а кои се опфатени со вака дефинираната амнестија, нема да бидат гонети за помагање при сторено насилство (чл. 386) или помагање при Здружување заради непријателска дејност (чл. 324). Ова може да се однесува и на водачите на протестите Игор Дурловски, Богдан Илиевски, Владо Јованоски и Борис Дамовски, кои на ваков начин сигурно ќе бидат амнестирани.

Инаку, сигурно е и дека амнестијата не се однесува на лицата осудени за обид за убиство на пратеникот и лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести