Истражување направено од порталот мкд.мк

Објавил: Узунов Бобан | 18 јули, 2019 8:51

Политичка апатија кај граѓаните: 27 % од граѓаните нема да излезат на избори, ВМРО, СДСМ и ДУИ заедно немаат поддршка поголема од 25 %

Фото/Текст извор: ©мкд.мк/магазин

Повеќе од половина од граѓаните на Македонија сметаат дека државата се движи во погрешна насока и како најлоши области ги оценуваат здравството и правосудството, покажуваат резултатите од анкетата спроведена од МКД.мк и агенцијата Маркет вижн. Граѓаните најдобро ја оценуваат работата на претседателот на државата, а најслабо на судството.  

Општиот заклучок на анкетата е дека двете политички партии имаа низок рејтинг кај граѓаните,  доколку сега би се одржале  избори 12,3% би гласале за ВМРО-ДПМНЕ и 10,8% за СДСМ, ДУИ-2,7 а  најголем процент – 27,5% рекле дека нема да гласаат. Ова значи дека трите најголеми партии ВМРО, СДСМ и ДУИ заедно немаат поголема поддршка од процентот на граѓани кои се изјасниле дека нема да гласаат што не води до заклучок дека постои голема разочараност на граѓаните од партиите.

Негативно мислење имаат и за работата на Специјалното јавно обвинителство и речиси половина од анкетираните сметаат дека не треба повеќе да постои. А доколку утре има парламентарни избори, повеќето граѓани би гласале за ВМРО-ДПМНЕ. 

На прашањето „Општо гледано, Македонија се движи во добра или во погрешна насока?”, 57,6% од анкетираните одговориле дека се движи во погрешна насока, а 30,1% во добра насока. Кај анкетираните Македонци процентот за „погрешна насока” е 42,3, а кај анкетираните Албанци 9,4. 

 

Што се однесува до областите, најмногу е влошена состојбата во здравството за што се определиле 66% од анкетираните, потоа правосудството кое се влошило според 54% анкетирани и образованието со 53%, без разлика на етничката припадност. Подобрување има во соживотот меѓу различните вери и националности (41%), интеграцијата кон ЕУ (37%), слобода на медиумите (36%). Надворешната политика, условите за бизнис и странските инвестиции не добија „преодни” оценки. 

Кога се работи за институциите во државата, највисока оценка доби претседателот-3,2, премиерот има 3,05, Владата 2,70, јавната администрација 2,64, градоначалникот на општината во која живеат анкетираните 3,2, СЈО 2,58 и најниска е оценката за судството-2,35. 

Високи 52,6 отсто од граѓаните сметаат дека СЈО не ги исполни очекувањата за своето постоење, само 6,9% мислат дека целосно ги исполни, а 26,1 дека до некаде ги исполни. На прашањето, пак, дали СЈО треба да постои и понатаму, 46,8% велат дека не треба да постои, а 37,7 отсто се „за” натамошно функционирање на СЈО. На ова прашање повеќето од анкетираните Македонци се изјасниле дека не треба да постои, а кај Албанците повеќето сметаат дека треба да постои. 

Во однос на работата на правосудството, анкетираните речиси се едногласни, високи 84 проценти сметаат дека не функционира, а 16% дека функционира. Најголем дел од нив велат дека не функционира целиот систем, 36,5 отсто, 22,3 отсто мислат дека проблем се судиите, 10,9 отсто дека е премиерот, Јавното обвинителство е проблем за 6,3 отсто, а СЈО за 1 отсто. 

На прашањето за проектот за враќање на 15 отсто од ДДВ процентот на оние што имаат позитивен и негативен став е речиси ист – 31,3, односно 31,9 отсто, но мнозинството граѓани, 61,2 проценти, не сметаат дека оваа мерка значително ќе влијае на нивните финансии, додека 38,8% мислат дека позитивно ќе влијае. 

На прашањето доколку утре се одржат парламентарни избори за кого би гласале, за ВМРО-ДПМНЕ се определиле 12,3 отсто, за СДСМ 10,8 отсто, за ДУИ 2,1 отсто, за Алијанса за Албанците 1,7 отсто, а за Алетрнатива 0,1 отсто. Најголем процент – 27,5% рекле дека нема да гласаат. Првите три партии најголема поддршка имаат во скопскиот регион. 

Оние граѓани кои се изјасниле за која партија ќе гласаат одговараа и на прашањето како ја оценуваат работата на лидерот, при што Зоран Заев има највисока оценка 4,59, Али Ахмети – 4,24, Билал Касами 4,33, Христијан Мицкоски 4,20, а Зијадин Села 4,00. 

Најголем процент од определените за одредена партија велат дека ќе гласаат за неа за да се даде шанса на нови лица во политиката, потоа за да го слушаат членството и народот, за да има промени во раковоството и да ги остваруваат ветувањата од кампањите. 

Анкетирањето беше спроведено од 8 до 13-ти јули 2019 година, телефонски, на на примерок од 1.200 испитаници.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести