Бројот на жртви но и спасени расте - граѓаните бараат одговорност и оставки а професор пред две години укажал на она што се случи вчера

Објавил: Мартин Попоски | 15 август, 2018 12:58

Расте бројот на жртвите во Италија но и гневот на јавноста

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Расте бројот на жртви од катастрофата во Џенова. Досега се извлечени телата на 37 лица меѓу нив и на три деца но спасени се седуммина од под урнатините на надвозникот кој колабираше вчера во момент на големо невреме пропратено со удари на молњи.

Спасувачките екипи и пожарникарите работат деноноќно бидејќи се верува дека се уште има преживеани на местото каде надвозникот падна врз трговски центар и неколку станбени згради.

Италијанските власти бараат одговорност од надлежните а бесната јавност бара оставки од министрите.

“Ова е трагедија која не би смеела да се случи во модерна држава. Ужасно е да се види урнат мост и спасувачи кои извлекуваат жртви. Мора да се испитаат надлежните органи и сите оние кои имаат одговорност.” – изјави италијанскиот премиер Ѓузепе Конте.

Надвозникот Моранди како дел од автопатот А-10 кој води кон Франција се урна вчера претпладне според сведоците во момент кога бил погоден од гром а десетици автомобили едноставно паднале во отворената бездна.

Изграден е во шеесетите години на минатиот век од страна на Рикардо Моранди по кого и го добил името а потоа неколкупати е реконструиран.

Угледен професор од универзитетот во Џенова пред две години предупредувал дека нешто сериозно не е во ред со конструкцијата но се чини дека неговите зборови не бил земени сериозно во предвид.

“Трошоците за постојаната реконструкција покажуваат дека наскоро тие ќе чинат повеќе од самата изградба на мостот и ќе биде подобро тој целосно да се урне за да се изгради нов мост. Една од страните – источната мораше итно да биде реконструирана со замена на клучните компоненти само 20 години по изградбата. Дваесет години за мост се ништо.” – изјавил професорот Антонио Бренчи пред две години.

По големата трагедија во Џенова низ цела Италија итно се проверуваат сите објекти кои во педесетите и шеесетите години биле проектирани од Рикардо Моранди.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести