Страшни глетки од местото на несреќата

Објавил: Узунов Бобан | 14 февруари, 2019 14:58

Сведоштва од несреќата: Се држеа за раце и бараа помош, им ја сечевме облеката за да ги одглавиме од под седиштата

Фото/Текст извор: ©мкд.мк\magazin

Расфрлени куфери, искината и крвава облека, искршени стакла, клучеви, кутии за прва помош… Ова е сликата околу местото каде што вчера се случи страшната сообраќајка кај Ласкарци, кога откако се преврте автобус загинаа 14 лица

Паднат во дупката покрај автопатот, искршениот автобус на „Дурмо турс“ од Гостивар денес стои како нем сведок на ужасот што вчера попладне се случи на местото.

Увидните екипи во текот на ноќта и денес се на терен, мерат и, следејќи ги трагите од кочење и доказите што останале на местото, утврдуваат како дошло до несреќата.

Силниот тресок од ударот во банкината и звукот на превртувањето на автобусот ги вознемириле локалните жители, по што сите излегле на улица.

Автобусот полн со патници, движејќи се од Скопје кон Тетово, според првичниот увид возел по средната лента од автопатот. Помеѓу лентите за двата правци од Скопје кон Тетово и од Тетово кон Скопје има банкина и дрворед. Само на местото каде што автобусот ја пробил заштитната ограда нема дрва. Откако изгубил контрола врз возилото, автобусот ја скршил заштитната ограда, преминал на лентите за спротивниот правец, па се удрил и ја скршил и таа банкина, по што се превртел. Со задниот дел паднал врз дрво, кое се скршило, и свртен на покрив застанал во дупка на ширинка на која нема куќи.

Во моментот кога се случила несреќата немало возила на спротивната лента. На едната страна од местото каде што паднал автобусот има кафеана, а на другата неколку куќи. Автобусот паднал на средина на простор на кој нема градби.

Мештаните што први излегле веднаш по несреќата, потресени раскажуваат дека и куќите се треселе од падот на автобусот. Кога излегле надвор, затекнале страшна глетка. Врисоци, повици за помош и заглавени тела под седиштата во автобусот, чиј заден дел, како што велат бил „свиткан како хармоника“. Со раце го исправале возилото за да може да ги одглават тешко повредените патници.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести