Таа потсети дека при носењето на Преспанскиот договор укажала оти следно што ќе се менува е химната

Објавил: admin@magazin | 3 април, 2019 8:35

Силјановска: Зарем има држава без химна, ќе се бориме за своите правдини

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Ќе бидам претседател на сите граѓани на Македонија, истакна кандидатката за претседател на ВМРО – ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска Давкова на вчерашниот митинг во Струга.

Обраќајќи се пред сите националности ја побара довербата од стружани на претстојните претседателски избори говорејќи за актуелната политичка состојба во државата. Во своето обраќање Силјановска Давкова забележа дека денеска, како што рече, 75 години по АСНОМ првпат на официјална посета не ја слушнавме државната химна.

„Целата македонска приказна е во химната, во борбата за правдините. Денеска премиерот го прекрши Законот за грбот, знамето и химната. Закон што се носи со дво-третинско мнозинство. Закон во кој се вели во било каква официјална средба мора да се емитуваат химните на двете држави“, рече Силјановска Давкова.

Таа потсети дека при носењето на Преспанскиот договор укажала оти следно што ќе се менува е химната.

„Држава без химна нема важен симбол. Химната е Македонија. Не ни преостанува ништо друго освен да продолжиме да се бориме за своите правдини. Правото на самоопределување е основот на создавањето на Обединетите нации, меѓу нив е и македонската. Нема право на самоопределување без право на свое име, знаме, химна, себе идентификација, само идентификација. Само оние кои веруваат дека нешто без корен како Северна Македонија може да опстои не водат сметки за химната – заклучи каднидатката за претседател на ВМРО – ДМПНЕ“, рече Силјановска.

Претседателските кандидати денеска ја продолжуваат кампањата во чии рамки ги претставуваат своите програми.

СДСМ ќе одржи Конвенција во Скопје на која ќе биде претставен заедничкиот кандидат Стево Пендаровски, а претседателскиот кандидат подджан од ВМРО-ДПМНЕ и колицијата  Гордана Силјановска-Давкова денеска ќе се претстави пред граѓаните на Неготино и Кавадарци.

Претседателскиот кандидат на Алијанса за Албанците и Беса, Блерим Река, според најавите, за денеска нема закажано активности.

Кампањата официјално започна завчера, а ќе трае до 19 април по што следува 24-часовен изборен молк пред денот на гласањето.

Тројцата кандидати за претседател на државата ветија мирна и фер кампања со посета на речиси сите населени места. Тие завчера ја започнаа кампањата – Пендаровски од Прилеп, Силјановска од Охрид и Река од Скопје.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.