Отсега на чело на Словачка ќе стои активистката за заштита на животната средина Зузана Чапутова

Објавил: Катерина Крстиќ | 1 април, 2019 10:30

Словачка за прв пат доби жена претседател- ќе го следи ли Македонија овој пример?

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Од вчера Словачка доби нов претседател. Отсега на чело на оваа држава ќе стои активистката за заштита на животната средина Зузана Чапутова која воедно е избрана за прва жена претседател на Словачка.

Чапутова е петтиот шеф на државата по осамостојувањето на Словачка во 1993 година.

Како што соопшти синоќа Словачкиот статистички завод  Чапутова врз основа на 51 проценти изброени гласови освои 58 отсто, додека нејзиниот противкандидат Марош Шефчович добил 42 проценти од гласовите.

Шефчович, кој е потпретседател на Европска комисија, изјави дека и се јавил на Чапутова и и ја честитал победата.

Инаку Чапутова е либерал, а својата кампања ја градеше на борбата против корумпираните политичари. Таа воопшто не се се срамеше да одговори на табу темите, па во својата кампања вети дека ќе ги легализира истополовите бракови, но сепак за неа главна тема ќе биде заштитата на животната средина. Чапутова беше дел од протестите организирани по убиството на новинарот Јана Куциак, по што може да се заклучи дека незадоволството на граѓаните во голема мера влијаеше на победата на Чапутова. Останува да видиме дали и Македонија е спремна за промена, и дали можеби ќе го следи примерот на Словачка, Хрватска на чие чело е Колинда Грабар Китаровиќ, Косово на чие чело порано беше Атифете Јахјага.

Според информациите објавени од ЕВРОСТАТ, бројот на жени претседателки или премиерки во земјите од ЕУ, е зголемен во периодот од 2003 до 2018 година. Во 2018 година три жени биле шефици на влади, а 15 години порано – ниту една. Уделот на жени – шефови на влади во ЕУ никогаш не надминал 14 проценти, што значи никогаш на таа позиција немало повеќе од четири жени во исто време.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести