Американскиот претседател Доналд Трамп ја спречи администрацијата на Белата куќа во објавувањето службено соопштение по повод смртта на републиканскиот сенатор Џон Мекејн

Објавил: Мирко Бачиќ | 27 август, 2018 10:29

Трамп нема да присуствува на погребот на Мекејн

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Американскиот претседател Доналд Трамп не планира да присуствува на погребот на републиканскиот сенатор Џон Мекејн кој почина вчера пишува весникот “Њујорк тајмс”.

Според весникот коj цитира запознаени извори од Републиканската партија поранешните претседатели Џорџ Буш помладиот и Барак Обама изразилe желба да присуствуваат на погребот на Мекејн.

Според прелиминарниот план администрацијата на Трамп се очекува да биде претставена на погребната церемонија од страна на потпретседателот Мајк Пенс.

“Њујорк тајмс” претходно соопшти дека Мекејн ќе биде погребан во градот Анаполис – Мериленд но засега не е дефинитивно кога. Ветеранот на американската политика ќе добие државни почести. Kовчегот со неговото тело ќе биде поставен за поклонение во централната ротонда во Капитол а меморијалната служба ќе се одржи во катедралата на Вашингтон.

Потоа до погребот ковчегот ќе биде поставен во зградата на законодавното собрание на Аризона – државата кој Мекејн ја претставуваше во Конгресот 35 години.

ОБНОВЕНО:

Американскиот претседател Доналд Трамп ја спречи администрацијата на Белата куќа во објавувањето службено соопштение по повод смртта на републиканскиот сенатор Џон Мекејн.

Повикувајќи се на изјавите на неименувани официјални лица на Белата куќа американските медиуми јавуваат дека портпаролката Сара Сандерс и шефот на Кабинетот на Трамп Џон Кели по повод вчерашната смрт на сенаторот Меккејн напишале службено соопштение на Белата куќа во кое за починатиот Меккејн говорат во суперлатив и го ословуваат како американски херој.

Истите извори јавуваат дека американскиот претседател Трамп не одобрил објавување на тој текст.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести