Вакцинацијата во државата ќе се спроведува во три фази во кои се опфатени различни категории граѓани. Фазите ќе бидат во согласност со првичните количини на достапни вакцини и ризичните приоритетни групи за вакцинација.

Објавил: Рејхан Бајрами | 26 јануари, 2021 19:45

Усвоен е Националниот план за КОВИД-19 вакцинација

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Владата на Република Македонија на денешната 41-ва редовна седница го разгледа и го прифати Националниот план за КОВИД-19 вакцинација во Македонија и го задолжи Министерството за здравство и другите надлежни институции да го имплементираат и да доставуваат редовни месечни извештаи за остварениот напредок.

Вакцинацијата во државата ќе се спроведува во три фази во кои се опфатени различни категории граѓани. Фазите ќе бидат во согласност со првичните количини на достапни вакцини и ризичните приоритетни групи за вакцинација.

Три главни групи се приоритетни, со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура.

За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктура и стручниот кадар кој досега ги спроведува вакцинациите во државата. Организацијата на системот ќе биде адаптирана согласно условите и во моментот кога ќе има поголем број на вакцини, вакцинацијата ќе се спроведува во поширок опсег со можност за вклучување на повеќе вакцинални тимови и отворање на пунктови.

Националниот план опфаќа и безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата.

На оваа седница Владата ја донесе и Програмата за економски реформи 2021 – 2023 година, која како обврска е и дел од реформите согласно евроинтеграцискиот процес, а министерот за финансии е задолжен да ја достави до Европската комисија до 31-ви јануари 2021 година.

Програмата за економски реформи содржи макроекономски проекции, план на Буџетот за наредни три години, 15 до 20 структурни реформи кои најмногу влијаат на економскиот раст како што се реформа на пазарот на енергија и транспорт, развој на земјоделскиот сектор, подобрување на деловното окружување и намалување на сивата економија, поддршка на истражување, развој и дигитална трансформација, регионално економско поврзување, образование и вештини, социјална заштита и инклузија, како и здравствена заштита.

На денешната седница на Владата се донесени дополнителни одлуки за одобрување средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година во износ од 40.000.000 денари на Општина Дојран, за решавање на проблемот со состојбата на Дојранското Езеро и 40.000.000 денари на Општина Ресен, за решавање на проблемот со состојбата на Преспанско Езеро.

Членовите на Владата на денешната седница ја одобрија Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2021 година на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), која во делот на инвестициите оваа година има буџет повисок за 4.000.000.000 денари во однос на минатата година.

На оваа седница Владата го утврди текстот на Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви, со кој, меѓу другото, се врши усогласување со законодавството на Европската унија во насока на обезбедување механизми и услови за одржување високо ниво на безбедност и стабилност во снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјата и во ЕУ, преку сигурни и транспарентни механизми кои се засноваат на солидарност помеѓу земјите-членки.

Освен усогласувањето со европската директива, со предложените измени се врши усогласување и со домашната легислатива како неопходен услов за ефикасна и непречена имплементација на прописите во пракса.

Владата на Северна Македонија денеска ја усвои Информацијата за реализација на мерките од Акцискиот план за железница од Договорот за основање на транспортната заедница која произлезе од третиот Министерски совет на транспортната заедница, на кој министрите за транспорт на земјите од Западен Балкан ги одобрија акциските планови кои ја забрзуваат реформата на железничкиот пазар на регионално ниво.

Акцискиот план за железници се состои од шест активности и вкупно 22 мерки кои се однесуваат на отворање на пазарот на железница, на правата на патниците, на управувањето, на интероперабилноста, на подобрување на операциите на граничните премин  и на модернизација на инфраструктурата на железничката мрежа.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребите на оперативната работна група во процесот на Кодификација на правото и правниот поредок на Република Северна Македонија која треба да пристапи кон хармонизација на правните прописи кои се дел од правниот поредок на државата која има за цел да ја изрази стабилноста и релативната непроменливост на нормите со кои се регулираат граѓанско-правните односи, совесност и чесност, справедливост, забрана на злоупотреба на субјективните права, еднаквост, автономност со зајакнување на начелата на правна сигурност.

На денешната седница Владата ги прифати предлог решенијата на владината Комисија за именувања и ги донесе следните одлуки:

1. Александар Цуцулоски, да го отповика од должноста вршител на должноста член на Одборот на директори на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката.

2. Мухамед Љамалари, да го избере за член на Одборот на директори на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката.

3. Владата на Република Северна Македонија заклучи да му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ во државна сопственост – Скопје да го разреши од должноста член на Управниот одбор на Акционерско друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ во  државна сопственост – Скопје Драги Цветковски, а за нов член на Управниот одбор да го избере Нуредин Фетаи.

4. Врз основа на член  49 став 4 од Законот зa Народната банка („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010, 123/2012, 43/2014, 153/2015, 6/2016 и 83/2018), Владата на Република Северна Македонија заклучи да му предложи на Собранието на Република Северна Македонија за неизвршни членови на Советот на Народната банка на Република Северна Македонија, со мандат од седум години да ги именува:

– Борче Треновски

– Никола Поповски и

– Марјан Петрески

5. Исни Јакупи да го именува за директор на Управата за водостопанство, орган во состав на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

6. Татијана Лалчевска да ја именува за директор на ЈП Службен весник на Република Северна Македонија.

7. Наташа Јанковска да ја разреши од должноста член на Советот за стручно образование и обука, претставник од Министерството за образование и наука, на нејзино барање.

8. Снежана Костовска Фрчковска да ја именува за член на Советот за стручно образование и обука, претставник од Министерството за образование и наука.

9. За членови на Училишниот одбор – претставници на основачот на Државното средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ Тетово, да ги именува:

– Арбен Несими

– Горан Савески и

– Душко Коцески

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести