Инаку, од италијанската полиција информираа дека спречиле хакерски напади на проруски групи за време на полуфиналето и финалето на Евровизија во Торино.

Објавил: Мате Парлоф | 15 мај, 2022 18:28

Финска официјално поднесе барање за членство во НАТО, Османи со поддршка од Берлин

Фото/Текст извор: ©канал 5/магазин.мк

Финска и официјално поднесе барање за членство во НАТО, кажа претседателот на државата, Саули Нинисто. 

Тој смета дека тоа ќе ја зголеми безбедноста во неговата држава, а финската премиерка кажа дека се надева на позитивна одлука во Парламентот, која во овој случај повеќе ќе биде формалност.

Прашан за тоа што очекува да се случи во односите со Русија, откако вчера неговиот руски колега Путин во телефонски разговор му порача дека би било грешка ако Хелсинки се придружи на НАТО тој одговори дека во иднина односите меѓу двете земји ќе се променат, но ќе биде неопходно тие да соработуваат!

„Во иднина опишав дека односите меѓу Русија и Финска сигурно ќе се променат. Сигурен сум дека Русија размислува на сличен начин, но како што реков има секојдневни прашања каде што треба да бидете способни да соработувате кога интересот е заеднички, како безбедноста на водите во заливот во Финска.“

Освен Финска, барање за членство во НАТО се очекува да поднесе и Шведска. На оваа тема се дискутира на Самитот на министрите што се одржува во Берлин. Заменик генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана, пред состанокот изјави дека е убеден оти загриженоста на Турција во врска со пристапувањето на Финска и Шведска во Алијансата може да се реши.

„Знаеме и целосно ги почитуваме демократските процеси што се случуваат во овие две живи демократии, и ако тие одлучат да бараат членство, уверен сум дека сојузниците ќе гледаат конструктивно и позитивно за нивното членство во оваа Алијанса. Финска и Шведска се веќе најблиски партнери на НАТО. Ние работиме со нив на многу начини. Како што споменав, тие се живи демократии. Имаат беспрекорна правна држава. Имаат силни војски, веќе придонесуваат за евроатлантската безбедност, а исто така се интероперабилни со остатокот од НАТО. “

Пред почетокот на состанокот, и македонскиот министер за надворешни работи изјави дека Македонија силно ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО и аспирацијата на Шведска и Финска за членство во Алијансата.

На состанокот во Берлин се разговара и за руската агресија врз Украина, а неодминлива тема беше и синоќешната победа на Украина на Евровизија. Џоана им ја честиташе победата и кажа дека вчера се видела огромната јавна поддршка ширум Европа и Австралија за храброста на Украина. Честитики за евровизиската победа до натпреварувачите испрати и украинскиот претседател Зеленски и најави дека ќе дадат се од себе наредна година манифестацијата да се одржи во Мариупол.

Инаку, од италијанската полиција информираа дека спречиле хакерски напади на проруски групи за време на полуфиналето и финалето на Евровизија во Торино.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.