Несреќниот момент се случил во скопската населба Кисела Вода, поточно кај сервисот „Скендеровски“. Со непрописна брзина на движење, и дождливиот коловоз, легендарниот Буштур изгубил контрола над возилото, излетал од патот и удрил во бетонските блокови поставени покрај булеварот.

Објавил: Катерина Крстиќ | 30 јануари, 2020 11:54

ФОТО: Вчера пред несреќата Благоја бил на вечера со Ален Исламовиќ

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Во тешка сообраќајна несреќа вчера загина македонската кошаркарска величина, Благоја Георгиевски.

Несреќниот момент се случил во скопската населба Кисела Вода, поточно кај сервисот „Скендеровски“. Со непрописна брзина на движење, и дождливиот коловоз, легендарниот Буштур изгубил контрола над возилото, излетал од патот и удрил во бетонските блокови поставени покрај булеварот.

Ален Исламовиќ на Фејсбук се прости од македонската кошаркарска легенда…

Непосредно пред сообраќајката Благоја бил на вечера со легендарниот Ален Исламовиќ или на јавноста познат како пејачот од групата „Бјело Дугме“ и „Дивље јагоде“ .

Оваа вест на својот фејсбук профил ја објави токму тој и при тоа се прости од својот пријател.

-Утринава во сообраќајна несреќа во Скопје загина легендарниот кошаркар Благоја Георгиевски – Буштур. Минатата вечер бевме заедно на вечера. Нека му е вечна слава и големо и искрено сочувство на неговото семејство, пријателите и љубителите на македонската кошарка. Вечно ќе бидеш во нашите срца Благоја“, напиша пејачот на својот Фејсбук профил.

Благоја Георгиевски е роден на 15. октомври во Скопје. Најголем дел од својата играчка кариера ја помина во Работнички, клуб со кој се натпреваруваше во Првата југословенска кошаркарска лија. Во сезоната 1975/76 популарниот Буштур, заедно со Работнички, стигна и до полуфиналето на Купот на победниците на Куповите.

Георгиевски беше и член на младинската репрезентација на Југославија. А со таа селекција, предводена од Лазар Лечиќ, Буштур ја освои Балканијадата во Ријека одржана во 1970 година. За време на младинското Европско првенство во Атина, нашиот кошаркарски великан го освои четвртото место.

Во 1971 година, беше дел од југословенската сениорска репрезентација која настапи на ЕП во Западна Германија, каде се закити со сребреното одличје.

Георгиевски беше учесник и на Летните Олимписки Игри во 1976 година кои се одржаа во Монтреал. Како составен дел на популарните „сини“, Буштур стигна до олимпиското сребро, што е најголемиот резултат на еден македонски кошаркар во историјата на овој спорт.

По осамостојувањето, Георгиевски работеше и како тренер. Беше и селектор на макеоднската сениорска репрезентација

Беше член на Управниот Одбор и на Собранието на Македонскиот Олимписки комитет, претседател на Олимпискиот Совет при МОК, а беше и потпретседател на највисоката спортска институција во нашата земја.

Член е на Клубот на Великаните на Македонскиот Олимписки комитет од 1997 година.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести