Двете страни иако инсистираат на своите ставови, велат дека разговорите не се пропаднати

Објавил: admin@magazin | 28 март, 2019 11:44

Џафери: Седница за судбината на СЈО дури по Претседателските избори

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Собранскиот спикер Талат Џафери нема да закаже седница за судбината на СЈО во предизборието, иако има формална можност за тоа, затоа што, како што рече, пратениците ги злоупотребуваат тие седници.Тој најави дека ќе закаже седница по вториот круг од Претседателските избори 2019.

„Тоа нема да им го допуштам. Нека контактираат партиите овој период, нека се договорат и нека ги надминат разликите за СЈО. Нема проблем да закажам седница по 6 мај, кога ќе бидат завршени претседателските избори“, рече Џафери.

СЈО е формирано на 15 септември 2015 со усвојувањето на Законот за формирање на ова обвинителство и со изборот на Катица Јанева за Специјален јавен обвинител од страна на Советот на јавни обвинители на РМ. СЈО има мандат од пет години, кој може да се продолжува со двотретинско мнозинство во Собранието. Неговата главна задача е да ги истражува и гони можните злоупотреби кои произлегуваат од прислушкуваните материјали во периодот од 2009 до 2015 година. СЈО досега има отворено десетици истраги и подигнато обвиненија против бројни политичари и државни функционери.

Според него ова е брзање на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев да се договори со партиите од опозицијата за поддршка на Законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се регулира статусот на СЈО, и дали ако се договорат деновиве очекува тие да побараат од него „вонредна“ седница од понеделник натаму, кога Собранието нема веќе да работи заради почетокот на кампањата.

Џафери вели дека нема на овој начин да задоцниме со носењето на реформските закони зашто Европската комисија ќе го одложи малку Извештајот за Македонија, заради изборите за Европскиот парламент.

Инаку, работните тимови на власта и на опозицијата денеска во 18 часот треба да одржат нова средба во обид да се постигне согласност за законот за Јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на СЈО.

Двете страни иако инсистираат на своите ставови, велат дека разговорите не се пропаднати.

Премиерот Заев завчера на Фејсбук напиша дека СЈО е веќе создаден институционален капацитет и нема потреба да се уништува.

„Напротив, како него треба да се водат сите други. Затоа со новиот закон, СЈО, ќе биде оддел во јавното обвинителство со јасни ингеренции. Проблемот за опозицијата е што очигледно сака да го штити криминалот, па не го поддржува овој реформски закон. Одговорете на едноставно прашање: дали сакате Северна Македонија да напредува или сакате да ја видите закочена и повторно да не добие датум за преговори, кој го чекаме од 2005 година?“, напиша Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на ТВ дуелот со Заев кажа дека до Министерството за правда и до меѓународната заедница доставиле 65 амандмани, откако Министерството претходно ги прифатило принципите што го побараа – правда за секого и сите, меѓународни правила и прописи инкорпорирани со сето значење и почитување на човековите права согласно принципите на Судот во Стразбур, ЕК и Венецијанската комисија.

Од Министерството за правда потврдија дека доцна во вторникот, пристигнале амандманите за законот за јавно обвинителство на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, се одвиваат консултации за законот и со помалите парламентарни политички партии.

Европската Унија ги повика на Владата и ВМРО-ДПМНЕ, но и другите политички партии да го усвојат нацрт-законот за Јавно обвинителство, со кој се регулира статусот на специјалното јавно обвинителство. Од таму потсетуваат дека СЈО е основано од страна на политичките партии преку договорот од Пржино со цел да се обезбеди одговорност за нелегалното следење на комуникациите и нивната содржина.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести