Познатиот и успешен економист Зоран Јовановски предвидува дека доколку Македонија беше кралство ќе имавма подобри економски резултати

Објавил: Узунов Бобан | 25 мај, 2019 9:18

Ако Македонија беше кралство, подобро ќе живеевме !

Фото/Текст извор: ©магазин

 
Поранешниот потпретседател на СДСМ и против кандидат на Зоран Заев за лидерското место во партијата Зоран Јовановски во колумна за магазинот Екомонија и Бизнис предвидува дека доколку Македонја беше кралство ќе имавме подобри економски резултати. 

Зоран Јовановски беше потпретседател на СДСМ во време кога Бранко Црвенковски ја превзема партијата после враќањето од претседателскара функција. После напуштањето на лидерската позиција на Б.Ц,  во трка за претседател на СДСМ беа Зоран Јовановски и Зоран Заев каде вториот успеа да ја добие довербата на делегатите. Делегатите на Конгресот имаа можност да изберат помеѓу комплетно нов и поинаков концепт и програма која што го продолжува континуитетот на дејствувањето. Тие го избраа второто, а бидејќи јас верувам дека единството се гради околу концепт, отсега индивидуално ќе дејствувам“, рече Јовановски после поразот на партискиот конгрес.

Некому ова ќе му изгледа смешно. Eден мој поранешен колега кој работи во многу сериозна институција одамна ми зборуваше дека земјава треба да е кралство. Ми велеше и дека сегашниот основен домен „mk“ всушност ќе значи „Macedonian Kingdom“ (македонско кралство).

Имам слушнато и интригирачки идеи дека требаше да му предложиме на принцот Хaри, помалиот брат на Вилијам, идниот крал на Обединетото Кралство, да стане наш крал, да се ожени за Македонка и да ја внесе земјава во сосема друга зона на живот во поглед на безбедноста, на сигурноста, на популарноста, на светското медиумско внимание, на атрактивноста за странски инвестиции, на економскиот развој итн. 

Но, да се вратиме во зоната на сериозност, темата на овој текст не е видот на општествено уредување на нашава земја, ние сме парламентарна демократија и тоа ќе останеме. Поентата на текстот е друга. Кога хипотетички земјава би била кралство, една работа суштински би била поинаква во споредба со досегашното искуство, би се променил погледот кон работите, наместо фокусирање на кратокорочни ефекти фокусот би се поместил кон долгорочните временски хоризонти и импликации. 
Во пракса, долгорочната иднина на земјава би била поставена на пиедесталот како врвен приоритет. Тоа би значело, на пример, дека земјава не би се презадолжувала за да не потклекне некогаш во иднина под товарот на долговите, да не го изгуби својот суверенитет и да не се претвори во роб на своите доверители. Потоа даноците не би биле превисоки за да не се изгуби мотивацијата да се произведува. Не би имало корупција за да се спречи разјадување на системот однатре, тендерите би ги добивале оние кои можат да дадат најдобар квалитет за пристојна цена. Интересот на кралот би бил во администрацијата да ги има најдобрите кадри, чиста меритократија, за да можат државничките административни работи да бидат завршени на најдобар можен начин. Кралот би бил максимално заинтересиран економијата на земјава да биде продуктивна и конкурентна, би ги елиминирал сите пречки на тој пат. Кралот не би реализирал мегаломански проекти што вклучуваат фасади од стиропор. Со еден збор, кралот би се грижел за долгорочниот опстанок и просперитет на економијата на земјава, таа да виде жива и жилава.

СЕ РАЗБИРА, НИЕ НЕ МОРАМЕ НИШТО ДА ПРАВИМЕ. МОЖЕМЕ ДА СИ ТЕРАМЕ КАКО ШТО СМЕ ТРГНАЛЕ. ПО 20 ДО 30 ГОДИНИ ПОВТОРНО ЌЕ ДОЈДЕМЕ ДО ТОЧКАТА НА КОЈА СЕ НАОЃАМЕ ДЕНЕС. НЕКОЈ ЌЕ РЕЧЕ, НИШТО СТРАШНО, ЖИВОТОТ Е УЧЕЊЕ. ПРОБЛЕМОТ Е ШТО ЌЕ ИЗГУБИМЕ ТОЛКУ МНОГУ ВРЕМЕ ИСТО КАКО ШТО ГИ ИЗГУБИВМЕ ИЗМИНАТИВЕ 20 ДО 30 ГОДИНИ. КОЛКУ ВРЕМЕ НИ Е ПОТРЕБНО ДА ЈА НАУЧИМЕ ЛЕКЦИЈАТА?

Зошто? Затоа што кралот сака кралството да постои со векови. Само така неговите деца, внуци и нивните наследници би можеле и во иднина да имаат кралство што ќе го управуваат. 

Се разбира, ние никогаш нема да бидеме кралство. Но, прашањето што се поставува е дали можеме да вградиме долгорочен поглед кон работите? Се разбира дека можеме, ако сакаме. Еве неколку едноставни примери. 

Прво, да дефинираме што е нашата долгорочна цел како земја и да постигнеме општествен консензус дека ќе ја оствариме по секоја цена. На пример, да имаме одредено ниво на БДП по жител и одредено ниво на просечна плата, сите чинители во земјава да прифатат и да потпишат дека или ќе имаме економија што ќе го испорача тоа или ќе пропаднеме.

Второ, да ја промениме соодветната регулатива и да кажеме дека во земјава веќе нема да има предвремени парламентарни избори. Ова не е нова идеја. Јас ова сум го предложил во повеќе наврати во разни медиуми, но, се разбира, тоа е примено со молк бидејќи секој политички субјект ја става оваа идеја на вагата на сопствените интереси. А резултатот од ваквата промена би бил мошне добар за општеството. Секој ќе си гласа демократски, за кого сака, ама ќе знае однапред дека ќе мора да си живее со последиците од своето гласање и дека нема поправен испит во наредните четири години. Тоа ќе ја зголеми одговорноста на секој гласач. Дополнително ќе се стабилизира економскиот амбиент и ќе се зголеми неговата предвидливост.
Доколку општеството нема храброст да донесе ваква одлука, тогаш ќе си продолжи досегашната практика. Овој текст отиде во печатница неколку дена пред вториот круг на гласање на претседателските избори. Во овој момент јас не знам кој ќе биде исходот од изборите, не знам дали ќе биде исполнет цензусот за успешност на изборите. Но, во согласност со она што беше кажано во медиумите можам да претпоставам дека доколку не биде исполнет цензусот, тогаш до крајот на годинава ќе имаме повторно претседателски избори, овојпат придружени од предвремени парламентарни избори. Тоа ќе значи дека инвестициите на приватниот сектор ќе забават, работите ќе бидат ставени во лер и има добри шанси ова да биде уште една изгубена година за македонската економија. Да се потсетиме, доколку годинава навистина има предвремени парламентарни избори, тогаш тие ќе бидат седми од 2006 година наваму, што значи имаме парламентарни избори на секои малку повеќе од две години.  

Искрено кажано, ми се смачи од тоа сите земјава да биде третирана како инфантилна. Ние тоа не го заслужуваме. Кога сите од поранешна Југославија војуваа ние единствени се раздруживме по мирен пат. Кога илјадници жители на Косово бегаа од воените дејствија во Србија, земјава ја подигна рампата и им дозволи влез. Правата на етничките заедници кои се малцинство во земјава се обезбедени на највисоко ниво во регионот. Името на земјава е променето, случка без преседан. Земјава отсекогаш мислеше дека треба да ги прави сите големи жртви за да се избори за место под сонцето. И? Тоа доведе до добивање датум за преговори? Очигледно, не.

Се разбира, ние не мораме ништо да правиме. Можеме да си тераме како што сме тргнале. По 20 до 30 години повторно ќе дојдеме до точката на која се наоѓаме денес. Некој ќе рече, ништо страшно, животот е учење. Проблемот е што ќе изгубиме толку многу време исто како што ги изгубивме изминативе неколку децении. Колку време ни е потребно да ја научиме лекцијата?
Време за преиспитување

ЗА БЕЗБЕДНА И ПРОСПЕРИТЕТНА ИДНИНА ПОТРЕБНИ НИ СЕ ЧЕТИРИ РАБОТИ: ДОЛГОРОЧНА ВИЗИЈА, ВНАТРЕШНО ЕДИНСТВО И СПЛОТЕНОСТ, НЕСЕБИЧНОСТ И ХРАБРОСТ ЗА НОСЕЊЕ НЕПОПУЛАРНИ, НО НЕОПХОДНИ ОДЛУКИ

Кога зборуваме за важноста на долгорочниот фокус за економијата, неизбежна тема за дискусија е и политичкиот контекст, локален, регионален и континентален, во кој се наоѓа државата. Самитот за Западен Балкан одржан во Берлин на крајот од април донесе студен туш за очекувањата дека работите ќе се придвижат и ја засили перцепцијата дека земјите од регионот ќе имаат „специјален“, би рекол и најстрог досега, третман на патот кон ЕУ. Ние се сеќаваме на години кога земјава добиваше т.н. чиста препорака за почеток на преговорите за евроинтеграцискиот процес и меѓу редови укажување дека треба „само“ да се реши отвореното прашање со Грција. Сега тоа прашање е затворено, со тешка кнедла што до крајот на животот во грлото ќе ја носат стотици илјади луѓе. Сега тоа не е доволно, сега проблем повторно станаа реформите. Да не се лажеме, реформите отсекогаш биле слабост, дури и тогаш кога ЕУ велеше дека не се. Но, морам да кажам дека луѓето од овдешните простори можеби обично немале доволно кондиција за да го истрчаат целиот натпревар, но отсекогаш имале талент и го разбирале дриблањето. 

Од друга страна, деновиве се навршуваат 15 години од влезот на 10 земји во ЕУ, меѓу кои и трите Балтичките земји, Кипар и Малта. Да ми кажуваше некој пред 20 години дека тие земји ќе бидат 15 години членки на ЕУ, а ние сé уште ќе немаме добиено ниту датум за почеток на преговорите, немаше да верувам. Како некој што помина 26 години во поранешна Југославија, знаејќи го релативното ниво на развој на земјите, подоцнежниот тек на настаните изгледа прилично неверојатен. 
Ова е време за интроспекција, треба да размислиме каде сме во просторот и времето, каде се движиме и каде ќе стигнеме. Јас не гледам како 2 милиони луѓе (сега веројатно 1,5 милиони) од земјава ќе ја загрозат ЕУ со тоа што ќе почнат преговори и земјава во текот на тој процес ќе се престрои како што треба. Зошто мислам така? Затоа што не гледам дека ЕУ е загрозена од половина милион македонски доктори, инженери, ИТ и други експерти и вредни работници што оттука се отселија во таа насока. 

Има европски политичари кои се прагматични. На пример, на бизнис форумот во Сараево одржан во април, Борут Пахор, претседателот на Словенија, рече дека иднината на Западен Балкан е геополитичко прашање, затоа ЕУ треба да покаже поголема флексибилност во однос на процесот на проширување и тој процес да го гледа помалку како техничко, а повеќе како политичко прашање. 

Треба да бидеме прагматични и ние самите. За безбедна и просперитетна иднина потребни ни се четири работи: долгорочна визија, внатрешно единство и сплотеност, несебичност и храброст за носење непопуларни, но неопходни одлуки. Доколку успееме во тоа, тогаш сигурно и сите околу нас поинаку ќе нé гледаат и ценат.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести