Свечената литургија ќе се одржи на плоштадот Македонија во Скопје

Објавил: Катерина Крстиќ | 23 април, 2019 15:50

Ако сакате да го видите папата на 7-ми мај ќе мора да добиете билет

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

На 7 ми мај за прв пат во Македонија доаѓа папата Франциск, а од католичката црква велат дека неговата посета не се должи само на католиците, туку на сите оние кои сакаат да присуствуваат на светата литургија.

Франциск, роден како Хорхе Марио Бергољо
е поглавар на Римокатоличката црква и папа од 13 март 2013 година. Во редот на исусовците се приклучил во 1969 година. Франциск е 266. папа на Римокатоличката црква.

Свечената литургија ќе се одржи на плоштадот Македонија во Скопје, а граѓаните кои сакаат да присуствуваат на неа ќе мора да се регистрираат и да добијат билет. Билетите се делат бесплатно и ќе им бидат дадени на сите граѓаните кои ќе се регистрираат.
Католичката црква во Македонија, е дел од организаторите на настанот, и оттаму велат дека очекуваат присуство од сите граѓани, без разлика на нивната вероисповед.

-Папата доаѓа не само за католиците, туку и за сите со добра волја кои сакаат заедно да чекориме напред. Очекуваме Папата да биде пречекан во атмосфера на радост и да испрати пораки на охрабрување и на соживот. Ова е за целата земја еден голем благослов  – вели отец Гоце Костов.

Од вчера билетите можат да се подигнат во католичките парохии низ државата. Според претходно утврдената агенда, се очекува Папата да пристигне во 08.15 часот утрината на 7 мај, кој е прогласен за неработен ден.

Во Претседателската палата ќе се одржи церемонија за добредојде, по што ќе следи средба со претседателот и со премиер на државата, а потоа со државниот врв, граѓанското општество и дипломатскиот кор.

Најавена е посета на Спомен куќата на Мајка Тереза заедно со лидерите на верските заедници, а потоа и средба со сиромашните. По ова ќе следи светата миса на плоштадот Македонија.

Планирано е Папата да биде официјално испратен во 18.30 часот на скопскиот аеродром од каде ќе замине за Рим.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести