Во истражувањето за албански функционери кои се луксузирале во хотели, се најде и функционерот од македонската влада, за кого се тврди дека престојувал една ноќ во претседателскиот апартман на „CVK Park Bosphorus Hotel“ ( Парк Босфор хотел) во Истанбул. За тоа сведочи видеото направено од Буши во

Објавил: Мате Парлоф | 24 декември, 2022 16:49

Албанска „Ора“ тврди дека Буши платил 20 илјади евра за едно ноќевање, тој вели – патувањето било приватно

Фото/Текст извор: ©telma

20 илјади евра за едно ноќевање во луксузен хотел и уште полуксузен апартман, според албанскиот портал „Ора њуз“, платил заменик министерот за внатрешни работи, Назим Буши, пишува Телма!

Во истражувањето за албански функционери кои се луксузирале во хотели, се најде и функционерот од македонската влада, за кого се тврди дека престојувал една ноќ во претседателскиот апартман на „CVK Park Bosphorus Hotel“ ( Парк Босфор хотел) во Истанбул. За тоа сведочи видеото направено од Буши во огромен простор од 850 метри квадратни, пишува порталот. На ова видео јасно се гледа дека тој го снима ентериерот на луксузниот апартман, а во еден момент се гледа и неговиот син, Ќерим Буши, во друштво на две девојки.

Едноставно пребарување на Booking покажува дека ноќевање во претседателскиот апартман е 20.000 евра, па се отворија и дилеми, дали тој може да си дозволи да плати толкава сума за едно ноќевање, кога се знае дека има месечна плата од околу 1.500 евра? Како, и дали патувал службено или приватно?

На овие прашања, Телма побара одговор и од Буши и од МВР. Заменик министерот одговори дека се работи за приватно патување од здравствени причини, планирано пред да стане заменик-министер. Во Турција патувал во октомври 2020 година, а стана заменик министер на 23 септември истата година.

СЕ РАБОТИ ЗА ПРИВАТНО ПАТУВАЊЕ ОД ПРЕД ТРИ ГОДИНИ, ПЛАНИРАНО ТРИ-ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ ПРЕД ДА СТАНАМ ЗАМЕНИК-МИНИСТЕР. БЕВМЕ ВО ТУРЦИЈА ЗА ИНТЕРВЕНЦИЈА ВРЗ ВНУКОТ, ВО „КОЧ ХОСПИТАЛ“. ВО ХОТЕЛСКИОТ АПАРТМАН ПРЕСТОЈУВАВМЕ ПОВЕЌЕ ЛИЦА, БЕВМЕ ГОСТИ НА ДВАЈЦА ПРИЈАТЕЛИ ОД СКОПЈЕ И НЕ ЗНАМ КОЈ ЈА ПЛАТИЛ СМЕТКАТА, И КОЛКУ ЧИНЕЛ ПРЕСТОЈОТ. НО, СУМАТА ОД 20 ИЛЈАДИ ЕВРА Е ПРЕТЕРАНА, НИ ИЗЈАВИ БУШИ.

И одговорот од министерството е сличен.

СТАНУВА ЗБОР ЗА ПАТУВАЊЕ ВО ПРИВАТНИ ЦЕЛИ КОЕ НЕ Е ПЛАТЕНО ОД МВР.

Трошењата на државна сметка не се актуелна тема само во Албанија. И во Македонија деновиве излегоа податоци дека минатата година се потрошени повеќе од 270 илјади евра за службени трошоци.  Актуелниот вицепремиер за евроинтеграции,Бојан Маричиќ, направил убедливо најголеми трошоци од сите останати владини функционери. Потрошил 15 илјади евра за авионски патувања, вип салони, ручеци и вечери.

Најмногу по ресторани, пак, околу 6.000 евра, потрошил Бујар Османи. Зад него е Артан Груби со 4.500 евра. Фатмир Битиќи потрошил над 20 илјади евра по разни основи, а Љупчо Николовски 12 илјади, од кои половина се потрошени во државните ресторани. Крешник Бектеши потрошил над 10 илјади евра, најмногу за вип салони во аеродромите.

Но, премиерот не гледа ништо спорно во овие трошоци. Најави дека треба да ги очекуваме и во наредниот период, затоа што, според него, повеќето се потрошени за ручеци со европски делегации, но и на нашите делегации кои одат на скринингот во Брисел.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести