Сивата економија во Македонија најголема во регионот

Објавил: Узунов Бобан | 17 мај, 2019 8:51

Во сивата економија не работат само за да се прехранат има и милонери

Фото/Текст извор: ©магазин

 

„Владата е отворена да расправа и за оваа многу важна тема, сивата економија, која, според податоците на Светска банка, изнесува околу 20 проценти. Во справување со сивата економија потребно да се вклучат не само владата и институциите туку и бизнис-секторот, невладиниот сектор и медиумите и сите други инволвирани страни“, смета Зоран Шапуриќ, министер задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.

Македонија, регионално гледано, е најпогодена од сивата економија, но колкава е таа нема единствен став.

Сојузот на стопански комори (ССК) анализира дека големи бизниси кои вртат милионски профити, но не во регуларните стопански текови, им земаат 50 проценти од колачот на оние што регистрирано работат.

„Процентуално, сивата економија во Македонија има едни од најголемите бројки во регионот. Регистрираните компании се обидуваат да опстојат на пазарот и да бидат конкурентни, а не можат, затоа што оние што не плаќаат даноци се 50 проценти поконкурентни од нив во стартот. И сите што работат кај овие нерегистрирани субјекти не добиваат ниту пензиско ни социјално осигурување“, укажа Даниела Арсовска, претседател на Комората, за големината на штетите врз бизнисот, државата и граѓаните од неформалното работење.

“Сива економија” е вршење на економски активности кои се легални, но не се регистрирани и не се пријавени за даночни цели од страна на поединци, неформални групи или организации. Зошто не треба да ги подржуваме оние кои учествуваат во сивата економија?
 Сивата економија е штетна за сите граѓани на Република Македонија. Оние кои ги избегнуваат своите даночни обврски, ги оштетуваат сите граѓани и се неправедни спрема сите оние даночни обврзници кои работат законски.
Сивата економија ја поткопува конкурентноста на фирмите и поединците и претставува неправична и незаконска “предност” на оние кои не ги исполнуваат законските обврски.
Сивата економија го поткопува интегритетот на целиот наш даночен систем.
За потрошувачите плаќањето “под рака”, без фискална сметка, не е добро решение. Ако плаќате во готово и не добиете фискална сметка, вие немате никаква гаранција, немате начин да се пожалите за лошо завршенатa работа или услуга и учествувате во поткопување на даночниот систем.

Македонија секои две години добива нов стратегиски документ за сузбивање на неформалната економија, со мерки, активности и временски рамки за спроведување. Сепак, од ССК укажуваат дека се уште контролните институции немаат доволна екипираност да излезат на терен и да ги лоцираат оние што работат нерегистрирано.

„Оние што се во сивата економија јавно не се декларираат дека работат, туку имаат свои канали преку кои егзистираат и ги нудат своите производи. И нивниот број се зголемува“, посочува ССК.

Иако бизнисот смета дека Владата презема одредени активности, во делот на измена на регулативата, оттаму инсистираат на екипирање на институциите, на инспекциските служби кои треба да добијат ингеренции да можат да влегуваат кај нерегистрираните субјекти и да ги имаат истите права како кај регистрираните субјекти. 

Не се таргет оние што работат занаетчиски дејности или оние што работат за да се прехранат, таргет се оние што заработуваат милионски профити“, децидни се од Комората.

УЈП смета дека сивата економија не расте, туку стагнира.

„Според нашите податоци, таа изнесува од 30 до 33 проценти. Една од основните стратегиски цели на УЈП е да ја сузбие сивата економија, правиме измени во Законот за регистрирање на готовински плаќања, во Законот за даночна постапка, со цел да успееме да ја намалиле сивата економија. Со делот на извршувањето на даночните контроли изнаоѓаме начини да ја сузбиеме нелојалната конкуренција. Пред извесно време потпишавме и меморандум за соработка со Сојузот на стопански комори во делот на заедничко координирано работење, за да ја намалиме сивата економија. Со најновиот проект на Владата, поврат на ДДВ кај физичките лица, исто така ќе успееме во овој процес, затоа што секој граѓанин ќе биде на некој начин инспектор и ќе ни помогне нам за да успешно си ја извршуваме нашата работа“, вели Сања Лукаревска, директор на УЈП.

Комората укажува и дека високата неформална економија демотивирачки влијае врз претприемачите и лицата што сакаат да се самовработат, кои се плашат да отворат нови бизниси и да почнат регистрирана дејност.

УЈП нема податок колкава е сумата што не влегува во буџетот поради бизнисите на црно. Лукаревска вели дека се прави таква анализа. Но посочува дека имаат таргетирано насоки за натамошно постапување за нивно намалување. А Шапуриќ тврди дека врз формализацијата на сивата економија придонес ќе дадат и мерките за финансиска поддршка на домашните компании, кои за да добијат пари мора да работат регистрирано.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести