Читам, се чудам, и си се прашувам: Дали е ова истиот Геро со кој пред една деценија го основавме ГЕМ, со кого заедно шетавме низ Македонија, поставувајќи го прашањето „Можеме ли во НАТО и ЕУ без компромис?“

Објавил: Весна Петровска | 16 декември, 2019 19:11

Другарот на Геро ЗАЧУДЕН од неговите ставови – до пред 10 години велеше друго – препукување на Фејсбук!

Фото/Текст извор: ©онлајн магзин

Жарко Трајановски испровоциран од својот “другар” Бранко Героски, по најновата колумна каде ги пишува „успесите“ на актелниот премиер Зоран Заев, напиша Фејсбук статус на социјалните мрежи посветен на Героски.

Жарко на социјалната мрежа Фејсбук му се обрати и го нарече другарот од пред 10 години.

Друже Геро,

Те читам еве подолго време како патронизирачки делиш лекции по „македонизам“ кои се шират по пропагандните портали кои до некни те оцрнуваа како „предавник“. Последно што прочитав е како лиферуваш неосновани обвинувања дека некој сакал да наметне придавка изведена од уставното име, дека некој сакал да ја менува химната, инсинуираш дека некој си ја самонегирал нацијата, па дури и посакувал Македонија да умре.

Скраја да е.

Читам, се чудам, и си се прашувам: Дали е ова истиот Геро со кој пред една деценија го основавме ГЕМ, со кого заедно шетавме низ Македонија, поставувајќи го прашањето „Можеме ли во НАТО и ЕУ без компромис?“

Си се прашувам, оти јас паметам еден друг Геро со кого укажувавме дека достоинствен компромис со Грција е неопходен, ако сакаме да влеземе во НАТО и ЕУ. Геро – со кој заедно ги разобличувавме политичките манипулации на груевизмот, особено пропагандната догма дека сме можеле во ЕУ и во НАТО без компромис со Грција. Паметам еден друг Геро, кој во 2009 година храбро јавно истапуваше и пишуваше: „Јас мислам дека предлогот Македонија беше добар предлог и не сум сигурен дека било кој следен предлог што би бил искамчен од наша страна ќе биде подобар.“ Го паметам Геро како вистински патриот кој укажуваше дека „Вистинските патриоти треба да се грижат оваа земја да стане членка на ЕУ и членка на НАТО, да ја обезбеди својата иднина, да ја обезбедиме иднината на нашите деца, а не како инфантилни дерлиња да се караме со сите, со нашите пријатели“.

Го паметам одлучниот Геро, кој ја критикуваше антиквизацијата и лажната позиција на Груевски кој „има една силна психолошка блокада – тој целиот свој политички хабитус, целото свое политичко битие го изгради на т.н одбрана на уставното име“.

Паметиш ли друже Геро, кога заедно на трибини укажувавме дека промената на уставното име, не значи и промена на идентитетот? Еве што останало во интернет архивите по една трибина на ГЕМ од „Февруарскиот поход“ во 2009: „Државата тоне во тоталитаризам, корупција, сиромаштија и ги губи сите позиции за скорешно вклучување во европското семејство. Преговорите со Грција за името се исполнети со манипулацијата дека борбата за името е всушност борба за нашиот идентитет. Промената на уставното име, според нив, не значи и промена на идентитетот. Затоа, компромисот со Грција и борбата за ЕУ всушност претставуваат влог во иднината.“

Каде се изгуби овој другар Геро од 2009? Како одеднаш Геро стана квазипатриотски херој на пропагандните партали Курир, Инфомакс и Република, и главен соговорник на Јанко Јади Бурек – безмалку на истата пропагандната тајфа која пред 10 години не оцрнуваше како „предавници“?

Се прашувам, и немам одговор, друже Геро, пишува Трајановски.

По обраќањето на неговиот колега, се огласи веднаш и Героски и му одговори преку Фејсбук.

– ДО ДРУГАРОТ ЖАРЕ ТРАЈАНОСКИ

Друже Жаре,

Гледам, си дошол и ти на ред во „стрелачкиот вод“. Ако, пријателе. Јас ќе ти одговорам на твојот малициозен пост што си го објавил на Фејсбук за мене (претппоставувам, веќе е преобјавен на десетина од новосоздадените медиуми кои се „борат“ за „демократија“, хахахаха). За секој случај, одговорот ќе го пренесам и на мојот профил. За да избегнеме забуни, недочитувања, погрешни наслови и слични манипулации. Колку што се може…
Велиш, си се чудел и си се прашувал „дали е ова истиот Геро со кој пред една деценија го основавме ГЕМ, со кого заедно шетавме низ Македонија, поставувајќи го прашањето можеме ли во НАТО и ЕУ без компромис?“
Нешто со заборавил, друже… Јас не си го поставував тоа прашање. Јас и пред ГЕМ го имав одоворот и пишував дека ни е потребен компромис пред да почнеме заедно да крстариме низ Македонија. Со радост се сеќавам на тие денови, но немој слулајно да си во заблуда дека за време на тој поход јас станав заговорник на компромисно решение на спорот со Грција. Не, за компромисно решение се залагав во десетина колумни во тогашен „Шпиц“. Ќе те потсети твојот имењак Жаре Јорданоски, ако мене не ми веруваш. Оти и со него заедно ја биевме таа битка…
Својот тогашен став јас не го променив. Иако се залагав за компромисно има за севкупна меѓународна употреба, јавно го поддржав Преспанскиот договор, во кој е предвидена и севкупна домашна употреба на новото службено име, спротивно на ветувањата на премиерот Зоран Заев. Не е можно да не си ги чул тие ветувања. Го поддржав Преспанскиот договор уште истата вечер кога беше објавен на англиски јазик (од грчкиот весник „Катимерини“, ако не се лажам). Премиерот лично ми се јави да ми се заблагодари за поддршката. Ако не веруваш, прашај го, сигурно ќе се сети. Разменивме неколку пораки по Вајбер…
Но, Преспанскиот договор, друже Жаре, како и сите други меѓудржавни договори, ги регулираат официјалните односи, во случајов – прашањето на службеното име на нашата земја и неговата употреба. Договорот на бара, а ни Грците не бараат, новото име да го повторува секој селоначаланик, во секоја пригода. Никој од нас не бара новото службено име да го пишуваме во медиумите. Најмалку да го користиме во секојдневната комуникација.

Често сум присутен во Грција и верувај, кога Грците слушаат како папагалски го повторуваме новото компромисно име, во секоја прилика, ни се смеат.
Не е можно, друже Жаре, да не си читал за барањата да се смени химната. Да те постетам кој и како бараше? Јавно се пишуваше за тоа…
Не е можно да не знаеш дека во повеќе европски јазици, спротивно на Преспанскиот договор, е во употреба именката „Севернамакедонија“ (Nortmazedonien во Германија, на пример), како и придавката изведена од тој превод, имено „северномакедонски“. Ништо од сето тоа не е според словото и духот на Преспанскиот договор.

За тоа пишуваше Кица Колбе, на пример. Веројатно си пропуштил да ја прочиташ нејзината извонредна лингвистичка анализа. И никој од македонското МНР не реагира поради ова. Напротив, некои пропагандисти на власта јавно и отворено ја употребуваат придавката „северномакедонски“ (за народот и за државата) и на македонски јазик.
Не е можно, друже Жаре, да не си забележал дека под превезот на поддршка на договорите со Грција и во Бугарија, луѓе во медиумите блиски до власта отворено шират еден одвратен антимакедонизам – ја оспоруваат македонската историја, ги оспоруваат македонските преродбеници и револиционери, бараат „да умре“ Македонија и сѐ што е македонско и сето тоа да се прероди во нешто ново (во пеперутка, претпоставувам), се потсмеваат со целото наше културно и духовно наследство, за кое, се разбира, јас, ти, ГЕМ-овци и многу други се согласивме дека е од словенско потекло.
Така не се договоривме, друже Жаре.

Да, паметам кога говоревме дека промената на уставното име нема да значи промена на идентитетот (јас пишував трактати за тоа, поради што бев сменет од уредничклата позиција во „Шпиц“). Но, овој антимакедонизам што го шират некои апологети на Заев, а го лајкаат истите оние што го лајкаат и ова твое писание за мене, е обид за промена на нашиот идентитет. Се разбира, тој обид е комичен, карикатурален дури, но е обид – и тоа, за жал, оди на сметка на СДСМ. Јас за тоа не сум виновен.
Твојот другар „предавник“, драг мој Жаре, никаде не се изгуби. Тука е. За тазлика од тебе, твојот другар пак си е „предавник“. Критичар на власта. Секогаш. Можеби треба јас да прашам во кои меки јасли залутал мојот другар Жаре, оној Жаре од нашата „предавничка“ тајфа. Но, сепак има една разлика меѓу мене и тебе – јас тебе никогаш нема да те изложам на ваква интимидација и на вакви инсинуации, какви што ти пласирапе за мене во ова твое писание.
Тоа нека ти служи на чест, Жаре пријателе.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести