Целосен дебакл на владината политика која не донесе пред уште еден историски пораз

Објавил: admin@magazin | 28 јуни, 2018 11:30

Експертите за условената препорака: Целосен дебакл на владината политика

Фото/Текст извор: ©алфа

Македонија прославува уште едно понижување. Целосен дебакл на владината политика која не донесе пред уште еден историски пораз. Експертите безмилосно се пресметуваат со Заев и неговиот кабинет, по вчерашната условена препорака за преговори со ЕУ. Препорака која би можела да се оствари дури на крајот на следната година и тоа зависна, не само од завршување на сите обврски во врска со промената на името и уставот, туку и со реформите кои немаат никаква врска со овој тегобен и за нацијата понижувачки процес, пренесува Алфа ТВ.

Според новинарот Дарко Јанески, Договорот за промена на името е последниот во низата катастрофални одлуки за иднината на државата, откако претходно беше потпишан Договорот за пријателство со Бугарија, кој не лиши од историјата и изгласувањето на контроверзниот Закон за јазиците.

Сите овие чекори, направени со оправдување дека се во име на светлата евро-атлантска иднина, смета Јаневски, се само вовед во федерализација и речиси извесна поделба на државата. Очекува дека и на Самитот на НАТО повторно ќе добиеме шлаканица, како што впрочем веќе најави самиот генерален секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.

Еден од условите повторно е рак раната на македонското општество, корупцијата, која според познавачите, не само што не се искоренува, туку од доаѓањето на актуелната влада добива драматични димензии. Од корупцијата страдаат сите сектори кои исто така се ставени на листата на ЕУ за неопходни реформи доколку сакаме да добиеме вистински преговори за прием во европското семејство.

Останува да се види дали Владата навистина е способна да ги оствари реформските задачи кои и се поставени, бидејќи очигледно само попуштањето кон соседите не е доволно во очите на бриселските бирократи. Во спротивно и натаму ќе останеме на маргините, без разлика дали владиниот Пи Ар тим, како вчера, ќе продолжи да ја убедува јавноста дека европската перспектива е веќе обезбедена.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести