ЕУ е зависна од руската нафта и гас

Објавил: Македонка Димкин | 21 март, 2022 18:38

ЕУ поделена околу нафтените санкции за Русија

Фото/Текст извор: ©sloboden pecat

Министрите за надворешни работи на Европската унија денеска не се согласија околу тоа дали и како да воведат санкции за профитабилниот енергетски сектор на Русија поради нејзината инвазија на Украина, при што Германија рече дека блокот е премногу зависен од руската нафта за да одлучи за ембарго, пишува Ројтерс.

ЕУ и сојузниците веќе воведоа мноштво мерки против Русија, вклучително и замрзнување на имотот на нејзината централна банка.

Руската опсада и бомбардирањето на пристаништето Мариупол, кое шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел го нарече „масовно воено злосторство“, го зголемува притисокот за акција на Унијата.

Но, таргетирањето на руската нафта, како што направија САД и Велика Британија, е причина за поделба меѓу 27-члената ЕУ, која се потпира на Русија за 40% од својот гас. Некои членки тврдеа дека ЕУ повеќе не може да избегне таков чекор.

„Гледајќи го степенот на уништувањето во Украина во моментов, многу е тешко да се тврди дека не треба да се движиме кон енергетскиот сектор, особено нафтата и јагленот“, рече ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковени пред состанокот на колегите, повторувајќи ги коментарите од балтичките земји.

Но, Германија и Холандија рекоа дека ЕУ е зависна од руската нафта и гас и тоа не може да се прекине веднаш.

„Прашањето за нафтено ембарго не е прашање дали го сакаме или не, туку прашање на тоа колку зависиме од нивната нафта“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок за новинарите.

„Германија увезува многу (руска нафта), но има и други земји-членки кои не можат веднаш да го запрат увозот на нафта, па наместо тоа, треба да работиме на намалување на зависноста од Москва за нејзините енергетски потреби“ додаде таа.

Дипломатите предупредија дека енергетиката е еден од најкомплексните сектори за санкционирање бидејќи секоја земја од ЕУ има свои црвени линии. „Санкциите се експоненцијални“, рече еден дипломат. „Колку подалеку одите, толку е потешко да ги усвоите“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.