Само седум години има најмладиот пациент со кој работи психологот Катина Павлоска во Центарот за ментално здравје на деца и младинци.

Објавил: Весна Петровска | 31 октомври, 2019 16:05

ЗАГРИЖУВАЧКИ: Само 7 години има најмладиот пациент со депресија во Македонија

Фото/Текст извор: ©онлајн магазин

Се помали се децата кои имаат симптоми и знаци на депресија, односно кај кои се јавуваат депресивни манифестации, предупредуваат детските психолози и психотеравпевти.

Само седум години има најмладиот пациент со кој работи психологот Катина Павлоска во Центарот за ментално здравје на деца и младинци.

Во Македонија не се води точна евиденција конкретно за оваа патологија. Според податоците на Светската здравствена организација пак, во светот, од 10 до 20 отсто од децата и адолесцентите икусуваат ментални растројства. Половина од менталните болести започнуваат од четиринаесетгодишна возраст. Невропсихијатриските состојби се водечки кај младата популација во сите региони во светот.

– Водечки страв кај децата е стравот од неуспех, на било кое поле. Не знам колку се свесни родителите што им прават на нивните деца со изјавите „Ако не учиш никој нема да те сака“. Симптоми на депресија се јавуваат многу рано, уште во училиштната рана возраст. Но ние тоа не го ставаме во депресија, туку го нарекуваме депресивни манифестации. За жал, тие се јавуваат на сѐ помала возраст. Причините се бројни, има повеќе компоненти, всушност како за сите емоционални и психолошки состојби. Влијание имаат самото воспитување, околината, загубата. Депресијата знае да биде одговор на загуба. Но, не мора таа загуба да значи загуба на блиска личност, туку загуба во смисла на тоа кога детето се префрла во ново училиште, со што следуваат стравовите на пример, дали ќе биде таму прифатено. За тоа дали едно дете ќе пројави симптоми на депресија, има улога биологија, но и семејство. Емоционалните проблеми и депресијата најчесто одат со анксиозноста, а со тоа и стравови, опсесивно фобични негативни мисли за себе, страв дали ќе успее, дали ќе биде сакано – објаснува Павлоска за „Мета.мк“.

Околу третманот на депресијата кај деца, Павлоска вели дека прво се почнува со советување, со поддршка и на детето, но и на родителите.

– Не се оди веднаш на терапија со лекови. Даваме најчесто витамини за релаксирање, но ако состојбата е со поголеми размери, тогаш се дава и терапија со лекови. Ниеден производител на антидепресиви, не дава нив да ги користат деца, но праксата е таа, тие се користат каде што навистина има потреба – информира психологот.

Ивана Хаџиванова, психолог, психотерапевт и основач на „Неокортекс“, центарот за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација, вели дека кај неа доаѓаат се повеќе деца и адолесценти кај кои таа препознава депресивни симптоми и реакци.

– Добро е што родителите сѐ повеќе се отворени за соработка и бараат стручно мислење и помош, односно дел од нив веднаш штом препознаат промени кај своето дете го носат за консултација и потенцијално третман. Следствено на ова, покрај индивидуалните психотерапии, семејно-системскиот пристап и сесии се секојдневие во нашата работа, особено кога станува збор за малолетни личности – вели Хаџиванова.

За тоа, како да се препознаат симптомите, што да преземат и како да постапат родителите, таа вели дека треба да се обрне внимание на повеќе нешта.

– Важно е да се знае дека депресивната слика кај децата и младите може да се манифестира со свои специфичности и разлики од сликата типична за возрасните, кои се должат на разликите во развојот, матурацијата и животниот циклус. Кај овие возрасни категории особено треба да обрне внимание во детекција на следните симптоми и бихејвиорално-емоционални промени: иритабилност и лесна раздразливост, променливост во расположението, пад на фрустрациона толеранција и опозиционалност особено во контакт со родителите, потешкотии во социјалните релации како конфликтуозност, или можеби повлекување и изолација, губење на секојдневните задоволства во кои до сега се уживало, односно намалување на играта и забавата, а чести се и соматските поплаки и тоа најчесто болки во стомакот и главоболки. Многу типични се и негативните вербализации за себе, поплаки дека не се доволно добри и како другите и не се популарни, односно јасно да го манифестираат падот на самодовербата и негативната слика за себе – појаснува Хаџиванова.

Повеќе прочитајте ТУКА.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести