Затворската полиција бара еднаков третман како и нивните колеги и посочува дека во Македонија на осум осуденици има едно униформирано лице

Објавил: Мирко Бачиќ | 12 август, 2018 14:46

Затворската полиција бара исти плати како и тие во МВР

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Затворската полиција беше дно на сите дна. Недефинирани по никоја основа. Ние сме овластени службени лица без овластување. Земаме плата од 14-15 илјади денари со ноќни и прекувремени саати ако стигнеме до 20 илјади денари реагира Синдикатот.

Претседателот на синдикална организација на КПУ Затвор Куманово Иво Јордановски на денешната прес конференција рече дека нивните барања се ништо повеќе од тоа да бидат изедначени со колегите од Министерството за внатрешни работи но дека регулирањето и изготвувањето на новиот закон се одложило до недоглед.

“Конечно да го затвориме тоа и ние да влеземе во категорија на луѓе со нормални примања во оваа држава. Досега затворската полиција беше дно на сите дна недефинирани по никоја основа. Ние сме овластени службени лица без овластување. Земаме плата од 14-15 илјади денари со ноќни и прекувремени саати ако стигнеме до 20 илјади денари.” – изјави Јордановски.

Посочи дека на 7-ми август доставиле официјално барање до Министерството за правда за да бидат повикани на финалното уредување на Законот за извршување на санкции но дека се уште чекаат одговор.

Претседателот на Затворската полиција и администрација Горан Ристески посочи дека на ниво на Македонија за погрешната пресметка на плата во минатото имаат над 900 тужби.

“Тужбите се добиени. Имаме одлуки и од Стразбур. Тие се однесуваат на погрешни проценти за работа ноќе – работа во ден – за неделен одмор – прекувремени саати – бонус плата за остварени над 190 часа во работната година како и за степенот на сложеност.” – рече Ристески.

Посочи дека според статистиката од пред две години на осум осудени лица во просек има еден вработен.

“Од тогаш до денеска по основ на пензионирање и заминување од лични причини заминаа голем дел на вработени. Процентуално најмалку околу 20 отсто. Пример во Ирска на вкупно 800 осудени лица има 600 вработени додека кај нас има установи со 2.000 осудени лица и околу 200 вработени. Тоа е во најголемиот затвор во Идризово.” – изјави Ристески.

Независниот синдикат на затворска полиција има членови во девет од 12 затвори низ Македонија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести