Претседателот Ѓорге Иванов на самитот за климатските промени во Катовице, со обичен лист хартија ја покри придавката "Поранешна југословенска" пред Република Македонија

Објавил: Мартин Попоски | 5 декември, 2018 5:56

Иванов е претседател на Република Македонија, нема веќе Поранешна југословенска

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Еден мал детал од Полска, кој помина незабележано, кажува многу за борбата за зачувување на сегашното име на македонската држава и методите што притоа се употребуваат.

Доследен на одбраната на уставното име на земјата и на заклетвата при стапувањето на функцијата претседател во два мандата, Ѓорге Иванов и на меѓународната конференција во Полска седна зад натпис „Република Македонија“, иако импровизиран.

Со оглед на тоа дека организатор на Самитот за климатските промени во Катовице се Обединети нации, каде што земјата што ја претставува тој е примена под привремена референца, по „диверзијата“ врз табличката со англиската верзија со покривање на „Поранешна југословенска“ Иванов е овековечен зад натпис со уставното име.

Шефот на македонската држава денеска, пак, имаше предавање на универзитетот во Вроцлав, во кое истакна дека „Република Македонија се соочува со можеби најголемиот предизвик од нејзиното формирање, а тоа е да се одрече од историското право и од правото на самоопределување“.

Грција со Спогодбата од Преспа ни наметнува ново име и бара тоа да се применува erga omnes – и за меѓународна, и за домашна употреба. Предвидено е да го промениме Уставот. Преку оваа спогодба, Грција ќе добие постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себе си, но и како другите држави ќе ни се обраќаат нам. – рече тој во обраќањето.

Со Спогодбата, како што наведе македонскиот претседател, „ќе се преименуваат институциите, ќе се цензурира содржината на учебниците на нашите деца, ќе се спречува правото на граѓаните да го изразуваат својот македонски идентитет“.

Се регулира именувањето на нашиот македонски јазик. Еден многу важен дел од нашиот начин на живот ќе зависи од волјата на Грција. Тоа е цензура на светот и автоцензура на колективната свест на македонскиот народ. Тоа е насилство врз нашата историска меморија. Она што грчката држава им правела на Македонците во Грција, сега, со Преспанската спогодба сака да им го направи и на Македонците во Република Македонија. – рече претседателот Иванов.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести