Идејата за ковид-сертификат првично беше поврзана со патувањата, но Италија многу брзо почна да ја применува на места како музеи, спортски сали и внатрешноста на рестораните!

Објавил: Перо Милчин | 17 септември, 2021 5:08

Италија вчера воведе една од најстрогите мерки во светот

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Италијанската Влада вчера донесе една од најстрогите анти-ковид мерки во светот, со која се бара од сите вработени во јавниот и приватниот сектор да имаат сертификат за вакцинација, негативен тест за коронавирус или потврда дека неодамна ја прележале болеста.

Одлуката беше донесена на владина седница и треба да стапи во сила на 15 октомври.

Целта на овој потег е да ги убеди луѓето да се вакцинираат и да ја намалат заразата во една од најпогодените земји од пандемијата на коронавирусот.

Работникот кој нема да може да презентира валиден здравствен сертификат ќе биде суспендиран без плата, но не може да биде отпуштен. Оние што ја игнорираат уредбата и ќе дојдат на работа без ковид-сертификат, ќе добијат казна од 600 до 1.500 евра.

Иако некои земји од ЕУ наредија здравствените работници да се вакцинираат, ниту една пред Италија не утврди дека ковид-сертификатот е задолжителен за сите работници.

Идејата за ковид-сертификат првично беше поврзана со патувањата, но Италија многу брзо почна да ја применува на места како музеи, спортски сали и внатрешноста на рестораните.

Иако во последните недели имаше протести против мерките, повеќето политички партии, како и големите здруженија на работодавци ги поддржаа, со надеж дека нема да има повторно затворање на економијата.

Лидерите на синдикатите се помалку склони кон новите ограничувања и сметаат дека оние кои не сакаат да се вакцинираат мора да ги добијат тестовите бесплатно за да дојдат на работа.

Италија, по Британија, има најмногу смртни случаи од Ковид-19 во Европа, повеќе од 130.000 од почетокот на пандемијата.

Околу 74 проценти од 60 милиони луѓе примиле барем прва доза вакцина, а околу 68 проценти се целосно вакцинирани

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.