ВМРО-ДПМНЕ: Јакимовски е уапсен бидејќи власта се плаши од избори

Објавил: admin@magazin | 22 март, 2019 19:44

Кривичен: Стевчо Јакимовски останува во куќен притвор

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Стевчо Јакимовски, поранешниот градоначалник на Општина Карпош останува во куќен притвор и му се забранува комуникација со лица опфатени во кривично-правниот настан.

„Постапувајќи по жалба на одбраната и обвинетиот, Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција за С.Ј. ја одби жалбата, ја потврди мерката куќен притвор и дополнително му определи мерки и тоа забрана за комуникација со лица опфатени со кривично-правниот настан и забрана за употреба на средства за комуникација без дозвола на судот“, соопштија од Кривичниот суд.

Инаку, Јакимовски и неговите соработници се товарат за незаконска легализација на објекти од времен карактер, нелегална купопродажба на државно земјиште, бесправно градење и криминални јавни набавки.

Јакимовски беше уапсен на 19 март за земјиштето на булеварот „Илинден“, каде веќе се изградени згради и се продаваат станови.

Според МВР, вработени во Општина Карпош, противзаконски овозможиле легализација на земјиште и објекти во државна сопственост, за потоа неколку градежни фирми да се стекнат со екслузивно право на откуп. Земјиштето го присвоиле по цена од 450 денари за метар квадратен.

– „Пријавените С.Ј. – во својство на градоначалник на Општина Карпош, Т.Ѓ. во својство на раководител на Одделение за недвижен имот и постапка за експропријација на недвижности во Сектор за правни работи на општината, В.С. во својство на виш соработник во Одделение за спроведување на урбанистички планови во Сектор за урбанизам при општина Карпош, М.Т. во својство на вработена во Одделение за просторно и урбанистичко планирање во Секторот за урбанизам во општина Карпош Р.Д. во својство на вработена какоизвршител на работи од областа на архитектонвски планирања во општина Карпош ,постапувајќи по барања за утврдување на правен статус на објекти лоцирани на бул.„Илинден“, на катастарски парцели во општина Карпош, во периодот од 2011 до 2017 година ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и ги пречекориле границите на своите службени овластувања“, изјави Тони Ангеловски од Министерството за внатрешни работи.

За апсењето на Јакимовски, тогаш регираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Освен личните пораки на социјалните мрежи од лидерот Христијан Мицкоски и кандидатката за претседателка Гордана Силјановска Давкова, официјална прес-конференицја имаше и во партиското седиште. За ВМРО-ДПМНЕ, апсењето на Јакимовски е знак дека власта се плаши од избори.

– „Секогаш кога СДСМ паѓа, Рускоска обвинителството и Кацарска судството отвараат нови монтирани процеси и шиканираат луѓе по судови. Ова е втор обид да го исплашат и скршат Стевчо Јакимовски и ГРОМ кои продолжија да делуваат опозициски. Ова е нов неоснован обид за да се задуши опозицијата“, изјави Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ.

Против Стевчо Јакимовски обвинителството отвори истраги и лани, а најверојатно тие ќе бидат споени во еден предмет. Во нив, се претпоставува дека лидерот на ГРОМ направил оштета на државниот буџет во вредност од еден милион евра.

Додека го носеа од еден суд во друг, Јакимовски, не даде никаква изјава за медиумите, само извика „Ќе ги тепаме, не им се плашиме“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика