Бугарија на денешниот амбасадорски состанок повторила дека нема да даде зелено светло за Северна Македонија на идниот министерски состанок на 8 декември.

Објавил: Македонка Димкин | 30 ноември, 2020 15:11

Лоша вест за Македонија: Брисел пресече оваа година нема преговори!

Фото/Текст извор: ©магазин

Повеќе високи дипломати од земји членки на ЕУ за МИА тврдат дека Македонија речиси сигурно ќе биде блокирана од страна на Бугарија на следниот министерски совет на Унијата, на кој требаше конечно да биде усвоена преговарачката рамка.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел се состанаа денеска да ги разгледуваат заклучоците што треба да бидат усвоени на 8 декември од страна на министрите за европски работи.

Од заклучоците е отстранета опцијата за вклучување на датум за одржување на првите меѓувладини конференции со Албанија и Македонија поради ветото на Софија за Скопје, датумите ќе бидат вклучени во самите преговарачки рамки кога тие ќе бидат усвоени, објаснуваат дипломатите од земјите членки на ЕУ.

„Со оглед на ситуацијата можам да кажам дека нема многу надеж за меѓувладина конференција и отпочнување на преговорите со Северна Македонија оваа година поради ветото на Бугарија“, ѝ изјавил на дописничката на МИА од Брисел дипломат од западна земја членка на ЕУ.

Бугарија на денешниот амбасадорски состанок повторила дека нема да даде зелено светло за Северна Македонија на идниот министерски состанок на 8 декември.

Додекас пак за Албанија ситуацијата е нејасна, велат од Советот, поради тоа што на земјата уште во претходните министерски заклучоци и беа наложени дополнителни услови. Сепак одреден број земји членки сметаат дека треба „посилна одлука за Албанија”, но неизвесно е дали Тирана сепак ќе добие почеток на преговорите оваа година, велат дипломатите.

Земјите на ЕУ кои важат за поддржувачи на проширувањето, сепак сметаат дека крајните заклучоци треба да бидат поспецифични дури иако не се вклучи никаков датум.

„Консултациите продолжуваат на оваа тема“, велат од Советот на ЕУ.

Амбасадорите треба повторно да се состанат в среда.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести