Министерството за надворешни работи сега е спремно за вадење на најдобрите фотографии

Објавил: Данаил Михајловски | 18 декември, 2018 14:53

МНР купи фотоапарат за 5000€!

Фото/Текст извор: ©магазин

Секој со своите приоритети, па така и Министерството за надворешни работи. Во време кога многу амбасади се празни, во време на борба за подобар студентски стандард, во време кога владата збори за тоа колку е штедлива и транспарентна, МНР купи фото апарат од 5.000 евра!

Во изминатиов период се отворија неколку теми поврзани со министерот Димитров и работата на министерството кое што тој го предводи. Едната тема беше за владината стипендија од 40.000 евра што во постапка од еден ден ја доби неговата ќерка. Другата тема беше неговиот советник од кабинетот кој спие во работно време со нозете на биро. Потоа актуелни станаа документите на Викиликс кои го посочија Димитров како “заштитен извор“ на информации на поранешниот амбасадор Рикер, и фрлија сомнеж за можно оддавање на строго доверливи државни информации на странски дипломат. Деновиве до редакцијата на Магазин стигна информација за една порелаксирана тема во МНР, но сепак не и ефтина.

Канон ЕОС 5Д е една од најсовремените и најскапите фото-камери денес на пазарот. Најчесто ја користат професионални ПР и маркетинг агенции, фотографи на реномирани модни куќи, но и тиражните весници и таблоиди. Министерот Димитров и неговиот раководен тим сепак најдобро знаат дали еден ваков фото апарат кој вреди 5.000 евра е вистинската потреба за МНР?

Имено, летово министерството со кое управува Никола Димитров, со цел да го појача тимот за односи со јавноста, решило да купи нов фото апарат. Нашите извори велат дека за тоа кој модел на модерна фото-камера треба да се набави, сугестија дал Јане Лазевски, познат во твитер круговите како “42“ и како еден од главните стратези на медиумските претставувања на министерот Никола Димитров. Набавката е извршена преку фирмата “Пикс Плус Трејд“ од Скопје, што може да се види и на страната на е-набавки, заверена на 27.07.2018 година. Вкупната цена на набавката на камерата “Канон-ЕОС 5Д“ и потребната опрема, заедно со ДДВ, изнесува 296.375 денари или 4,820 евра. Квалитетен фото-апарат, квалитетен избор, нема збор.

Дилемите што се отвараат со оваа набавка се следните. Прво, дали МНР е државна институција која се занимава со класична дипломатија или пак службата за односи со јавноста е маркетинг куќа или модна агенција, па мора да се бираат вакви супер модели од фото-апарати. И второ, дали МНР како институција која е свесна за стандардот на даночните обврзници чии пари троши, треба да биде малку поскромна и да не се луксузира трошејќи го буџетот на вакви скапи технолошки играчки? Или можеби токму овој скап фото-апарат е дел од дипломатскиот успех на министерот Димитров кој пред извесно време беше избран за маж со стил на годината? Како и да е, следниов период јавноста ќе може барем да ужива во квалитетните фотографии направени од министерството за надворешни работи.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести