Советот датира од  1972 година и него го обелоденува извесен Стефан Дечев во подолг текст насловен како „Историја според целесообразноста или целесообразна историја“.

Објавил: Катерина Крстиќ | 26 декември, 2019 14:39

Потврдено: Историјата на Бугарија и Македонија немаат ништо заедничко

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Советот на Филозофско-историскиот факултет при Софискиот универзитет, излезе со свој став дека историјата на Бугарија и историјата на Македонија немаат ништо заедничко, а историјата на Македонија не е дел од историјата на Бугарија, објави Лидер.мк.

Советот датира од  1972 година и него го обелоденува извесен Стефан Дечев во подолг текст насловен како „Историја според целесообразноста или целесообразна историја“.

Текстот секако предизвика внимание поради тоа што е објавен во време кога бугарскаТА БАН, спори за македонскиот јазик и излезе со став дека е бугарски дијалект.

Во објавениот текст Стефан Дечев детално ја пишува историјата и кажува како всушност Советот на Филозофско-историскиот факултет дошол до овој заклучок. Дечев посочува дека клучно значење има лавирањето кај бугарските историчари во тоа време околу користењето на термините нова и најнова бугарска историја, што си е, сепак, нивна работа.

Во 1972 година, Факултетот преку бугарскиот Службен весник објавува оглас за вработување асистент за „нова и најнова бугарска историја“. Се очекувало на него да се јави само еден кандидат и тоа извесен Стефан Дојнов, кој бил адут и на власта и на Советот на факултетот. Но, на конкурсот неочекувано и непосакувано се јавува и втор кандидат во името на Костадин Палешутски. Истиот тој Палешутски пред истиот тој Совет ја одбранил дисертацијата на тема „Македонското прашање“, по што добил звање „кандидат на историски науки“, што денес соодветствува на доктор по историја.

Дечев притоа потсетува и на тоа дека според тогашниот Правилник за примена на Законот за високо образование се предвидувало предност за кандидатот кој има одбрането дисертација во „истата област“. И нормално, Советот требало да одговори на пројавената дилема дали Палешутски бил истражувач од „истата област“.

За да се реши појавениот проблем со двајцата пријавени кандидати била формирана специјална комисија. Нејзината работа се соочува со дилема-или да прифати дека историјата на Бугарија и историјата на Македонија немаат ништо заедничко, а историјата на Македонија не е дел од историјата на Бугарија или дека ќе биде тешко да се негира македонската историја не е дел од бугарската, што и до ден денес е официјална позиција на бугарската историографија. Не можејќи да одлучат, членовите на комисијата се обраќаат до тогашното Министерство за образование и наука од каде, пак, добиваат одговор дека треба да одлучи Советот на факултетот.

И Советот на Филозофско-историскиот факултет ја носи одлуката-дисертацијата на Костадин Палешутски на тема „Македонското прашање“ не е од областа на бугарската историја. Едно е историја на Бугарија, а друго историја на Македонија.

Дечев натаму во текстот посветува посебно внимание на работата на Палешутски. Ќе напише дека неговата дипломската работа носи наслов „Борбата на ВМОРО против врховизмот во периодот до 1903 г.“ (период за кој се тврди дека „имаме заедничка историја“), а автор е и на дисертацијата „Национално-револуционерното движење на населението во Вардарска Македонија (1918-1925 г.)“ (одново за периодот до 1944 за кој бугарската мејнстрим историографија користи термин заедничка историја“). И да биде иронијата поголема, неговиот труд е прифатен од Советот на факултетот со преодна оценка со 25 гласови „За“ од вкупно 27 члена.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести