Јавниот обвинител Јовески по скоро два месеци од пребегот на поранешниот премиер констатира дека докази за легален премин на границата нема, а со тоа нема ни виновни

Објавил: Мартин Попоски | 3 јануари, 2019 8:18

Само Груевски е виновен што избегал Груевски

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Нема да се бара одговорност за Граничната полиција на Македонија во врска со бегството на Никола Груевски.

Ова ќе следи по заклучокот од првиот човек на Јавното обвинителство, Љубомир Јовески, дека поранешниот премиер не поминал преку официјален граничен премин во Албанија.

Засега не е познато преку кој нелегален премин наводно избегал, но при тоа нема отстапки од страна на службеници од гранична полиција на “Ќафасан”, “Свети Наум”, “Стење“, “Џепчиште” и „Блато“.

Од обвинителство за организиран криминал и корупција е потврдено само преминувањето на Груевски со дипломатско возило во Црна Гора и Србија, и од таму во Унгарија.

Поранешниот премиер Никола Груевски територијата на Република Македонија ја нема напуштено на било кој граничен премин. Сослушани се и сведоци, но за да не наштетам на предистражната постапка други детали не можам да откривам.

Обвинителството презема повеќе дејствија за обезбедување докази, како што веќе соопштивме. Побарани се докази по меѓународна правна помош од надлежните органи на Република Албанија и Република Црна Гора. Добиени се снимките од безбедносните камери на патиштата, наплатните рампи, граничните премини, како и околу домот на поранешниот премиер. – истакнува Јавниот обвинител Јовески.

Обвинителството, како што додава, ја анализира содржината на прибавените докази, а истовремено очекува да се добијат и доказите од Албанија.

При тоа Обвинителството не утврдува дали има пропусти на одредени институции, туку дали има кривично правни дејствија од некои лица за овозможување на бегството. Надлежните институции, во рамките на нивната внатрешна организација, треба да утврдат дали и каква одговорност имало во нивното постапување и надлежност. – посочува државниот јавен обвинител.

Во врска со амнестијата за учесниците во настаните на 27 април во Собранието, Јовески вели дека тоа е политички чин и не го коментира.

Доколку ова зависеше од мене и од обвинителот кој постапува по предметот, Вилма Русковска, тоа немаше да се случи. Меѓутоа ова е мој професионален став, а Собранието при донесувањето на Законот ценело други околности кои мене не ми се познати. Обвинителството професионално ќе постапува до завршување на предметот.

Но морам да укажам дека постапката за амнестија придонесе и за разјаснување на некои делови од настанот. Изјавите во судницата, на изненадување на многумина, укажаа на моменти од подготовка на случувањата на 27 април. Го разбирам разочарувањето на граѓаните и реакциите, но повторувам тоа е политичка одлука. Обвинителството е должно да го примени законот, истакнува државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести