Комисијата ќе ги објави официјално одлуките за десетина дена

Објавил: admin@magazin | 28 март, 2019 7:30

Синот на Мира „дизел“ сепак е нерегуларно вработен во ЕЛЕМ

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Вработувањето на синот на пратеничката Мира Стојчевска во АД ЕЛЕМ е пред официјално прогласување за неправилно од страна на Комисијата за спречување на корупција.

Предметите за вработувањата поврзани со можен непотизам што ги отвори Антикорупциска се при крај, а 24 Вести има информација дека веќе е констатирана неправилост при вработувањето на синот на пратеничката од редовите на Социјалдемократскиот сојуз.

Комисијата ќе ги објави официјално одлуките за десетина дена.

Антикорупциска веќе најави дека ќе ја мониторира изборната кампања за претседателските избори.

Станува збор за случаите поврзани со ќерката на пратеничката Емилија Александрова, која имало информации дека се вработила во Фондот за иновации, но констатирале дека таа не конкурирала воопшто и не се вработила таму.

Од Антикорупциска предупредија дека од денот на распишување на изборите до нивно завршување јавните и државните претпријатија не смеат да вработуваат.

Додека другиот случај е поврзан со сопругата на градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, за која утврдиле дека работела во училиштето и пред сопругот да биде избран за градоначалник, но со договор на дело и потоа по автоматизам се трансформирал работниот однос во редовен работен однос.

За вработувањето на ќерката на Талат Џафери во ЕЛЕМ, претседателката на ДКСК Билјана Ивановска која работи на премдетот, вели дека се бараат дополнителни информации за случајот, појаснувајќи дека според стручноста, Бесија Џафери има завршено Правен факултет, магистрирала со 10 и поседува правосуден испит, но дека не се знае по кој критериум била избрана на конкурсот за вработување каде имало пријавено тројца кандидати.

За време на изборната кампања, предупреди ДКСК, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.

Што се однесува, пак, на вработувања на блиски лица на функционери од СДСМ и ДУИ во ЕЛЕМ и МЕПСО, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, изјави дека нема пријави до нив, но Комисијата нема законска пречка сама да оформи предмет.

Згрижување на државна сметка во АД ЕЛЕМ, претходно добија и синот на Мирослав Грчев, ќерката на Талат Џафери и сопругот на Магдалена Несторовска, додека за втор човек во АД за Стопанисување со станбено деловен простор е поставен Јон Фрчкоски, син на Љубомир Фрчкоски.

-Да, работам за ЕЛЕМ. Благодарам на интересот, дефинитивно го немаше кога работев во фабрика во Штип. П.С. Во Штип повеќе плаќаа. – пишува Грчев на неговиот Фејсбук профил.

Дамјан Бучковски е син на професорот Владо Бучковски, поранешен премиер и повратник во редовите на владеачката партија СДСМ. Тој во МЕПСО е ангажиран со договор на дело. Од неодамна во МЕПСО работи и Фиторе Бејта Акику, ќерката на Невзат Бејта, поранешниот градоначалник на Гостивар од владеачката партија ДУИ.

Асаф Адеми ја вработи неговата сестрата во ЕЛЕМ, и со тоа го проби револтот во членството на движењето Беса во Гостивар. Исто така општинскиот советник од редовите на Беса, Телат Фетаи ја вработил неговата жена во општина Гостивар.

Емерли Асани, член на Централниот совет на движењето Беса, ја вработил неговата жена во Палатата на културата во Гостивар. Членовите на движењето Беса кои го контактираа уредничкиот одбор се разочарани од страна на партиските функционери, како што велат, тие трчаа за партијата додека партиските функционери ги вработуваат членовите на нивните семејства.

Инаку министерот Адеми беше дел од скандалот во фондот за иновации, затоа што неговата сопруга добила средства од Фондот.

Министерот Дамјан Манчевски пак рече дека „неколку“ случаи на вработување во администрација не значат непотизам.

-Од 2006 година за нас беше забранет и во јавен и во приватен сектор било кој со членска книшка на СДСМ да се вработи и вие го знаете тоа. Затоа збориме за заробена држава. Денеска е чудно што било кој што е симпатизер на оваа власт дека се вработува и во јавна институција. Не е во ред да се согласиме дека повторно тоа е проблем, а каде да одат овие луѓе. Имате два примери и 20 други каде што луѓето си наоѓаат работа по други линии, вели Манчевски одговарајќи на новинарско прашање.

Манчевски како и актуелната влада на СДСМ и Зоран Заев во време на опозиција ветуваа дека нема да има партизирање на институциите, туку нејзина професионализација, а праксата го покажува спротивното.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика