Србија оцени дека косовското прашање се "разводнува" со посредство на Европската Унија, па планира да го врати на маса во ОН каде што Косово не е независна држава

Објавил: Мирко Бачиќ | 2 октомври, 2018 13:20

Српски министер бара враќање на преговорите Белград – Приштина во ОН бидејќи пропаднале во ЕУ

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Откако идејата на претседателот на Косово, Хашим Тачи за размена на територии не наиде на поддршка, Србија планира проблемот со косовското прашање да го врати во Обединетите Нации, што е можно подалеку од Европската Унија.

Министерот без ресор во Владата на Србија, задолжен за иновации и технолошки развој, Ненад Поповиќ, изјави дека Европската унија не успеала како модератор да донесе успех во преговорите меѓу Белград и Приштина и дека сега е вистинскиот момент за враќање на прашањето за Косово “таму каде му е местото” – во ОН.

Поповиќ кој е во Москва како дел од српската делегација, изјави дека може да се рече дека преговорите спонзорирани од ЕУ не успеале, и сега е вистинскиот момент да се врати прашањето за Косово во ОН и дека е неопходно да се реши проблемот со вклучување на САД, Русија и Кина.

Запрашан дали на тоа мислел и претседателот на Србија, Александар Вучиќ кога рекол дека од Путин ќе бара поддршка за Србија, Поповиќ нагласи дека претседателот веројатно говорел во широк контекст.

Според него, Вучиќ веројатно детално ќе го информира Путин за тоа што се случи за викендот во Косово.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.