Скопските обичаи од кои дел имале христијанска основа, а дел од нив биле поврзани со паганските верувања, најчесто биле исти како и сите останати од Македонија!

Објавил: Владо Марин | 29 февруари, 2020 20:43

УТРЕ Е ПРОШТЕНИ ПОКЛАДИ ИЛИ ПРОЧКА: Прости ми, простено нека ти е и од мене и од Господ!

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Утре е Прочка или Велики Поклади, празник меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден.

Прочка или Велики поклади — ден во прсвославното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на велигденскиот пост.

Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Исус Христос и безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.

Прочка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.

Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни производи или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.

Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“.

Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.

Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни.

Најпознатиот настан за Велики поклади во Македонија е Стумичкиот карневал или Тримери кој е влезен и во Светскиот календар на карневалите и во последните години стана голема туристичка атракција.

За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение.

Скопје

Во минатото во Скопје често на денот на празникот Прочка се практикувало фотографирање во ателје. Скопските обичаи од кои дел имале христијанска основа, а дел од нив биле поврзани со паганските верувања, најчесто биле исти како и сите останати од Македонија.

По фотографирањето, пресоблечените возрасни и деца оделе на плоштадот во градот и на главните улици Крал Петар (денешна Македонија) и улицата Војвода Путник (кејот на реката Вардар каде што изгледало како на пазар на разнобојни костими и тоалети. Празничната атмосфера се надополнувала со фрлање конфети, улични музичари со народни инструменти, игри и песна.

По Втората светска војна празникот во редуцирана форма се прославувал само во круговите на семејствата според сопствената иницијатива и убедување, а од 60-тите години до денес почнува селективно навраќање на стариот начин на прославување со собирање на плоштадот и на Скопското Кале!

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.