Какви тајни крие Охридското езеро ?

Објавил: Узунов Бобан | 31 јули, 2019 13:42

Швајцарски научници: НА БРЕГОТ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ОТКРИВМЕ ДОКАЗИ ЗА ПОЧЕТОЦИТЕ НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО ВО ЕВРОПА

Фото/Текст извор: ©sdk.mk/магазин

Во овој дел од Балканот, на брегот на Охридското Езеро, се бележат почетоците на развојот на земјоделството во Европа. Тоа го покажува истражувањето што беше спроведено на неколку локации на брегот на езерото каде што има остатоци од праисториски населби, беше речено на прес-конференцијата на која учествуваа специјалисти по археологија, палеоекологија и ботаника од Универзитетот во Берн, Швајцарија, чија влада го поддржа проектот. 

Истражувањата кај Заливот на коските кај Градиште ги водеа научници од Универзитетот во Берн, Швајцарија (Фото; СДК.МК

Професорот Алберт Хафнер презентираше дел од резултатите од истражувањата.

„На Охридското Езеро има населби од бронзено време, а дендрохронолошките испитувања на примероци од колци, кои се остатоци од населби, покажаа дека нивната старост се движи од периодот меѓу 1.400 и 4.500 години пред нашата ера, што е доказ дека тука организирано во населби се живеело и пред бронзеното време. Истовремено, кај Заливот на коските кај Градиште се пронајдени најмалку 12 различни живеалишта, што е потврда дека луѓето тука нашле погодно место за живеење и погодна почва за одгледување растителни култури”, кажа Хафнер.

Гоце Наумов од Центарот за истражување на праисторијата при Музејот на Македонија, кој е дел од проектот, изрази задоволство од спроведените истражувања.

„Тековната работа на терен ни покажа нешто сосема ново, нешто што и ние не го очекувавме, податоци што ја поместија хронологијата на локалитетот. Дознавме нови работи за материјалната култура, особено разбирања за праисториските луѓе и начинот на кој живееле во овие наколни живеалишта. Преку ваков голем проект афирмираме нови методи во архелологијата, како што се дендрохронологија, археоботаника и други биолошки науки“, рече Наумов, нагласувајќи дека истражувањата ќе продолжат уште неколку години.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести