Социологијата обично се фокусира на последиците од уметничкото дело, неговата примена, расширеност, промени што ги предизвикува и каков ефект има кај перцепиентот.

Објавил: admin@magazin | 22 јануари, 2020 20:03

Дали си можеби и ТИ една мала, обична и навидум безначајна Атиџе?

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Кога некое дело ќе добие институционално признание, секако од релевантна институција, станува популарно и признаено и надвор од институционалните рамки.

Во денешно време, се настојува строг формалитет во однос на уметничките дела и помирување на популарното со институционалното.

На пример она што е институционално признаено, добива на популарност, во исто време она што е популарно, институциите настојуваат да го врамат во концептот на уметничкото.

Од таа причина во филозофијата на уметноста се говори за избледување на демаркацијата помеѓу уметничкото и артефакталното, исто така поделбата на елитна и народна уметност останува закопана длабоко во историјата на филозофијата на уметноста.
Номинациите за оскар, се признание што го доби филмот „Медена земја“ од релевантна институција.

Македонија горда на Атиџе – ликот кој го создаде најдоброто дело.

Тоа придонесе да се зборува за филмот, да се пишува за него, да се полнат кино салите, во многу домови низ Македонија да е пуштен на ТВ екраните. Коментарите за „Медена земја“ се различни, релативни, но и субјективни.

Какви и да се, тие даваат на значење на филмот, критиката е сосема здрава и посакувана во сферата на уметноста.

Но никој не може да го негира реткиот успех што „Медена земја“ го има за македонската кинематографија. Социолошки феномен е тоа што кога некое уметничко дело, филм и слично, ќе биде повеќе распространето тогаш сите го коментираат, имаат мислење за него, сакаат да придонесат во креирање на значења и смисли и секако да остават личносен белег во морето од различности во перцепции, погледи и ставови.

Социологијата обично се фокусира на последиците од уметничкото дело, неговата примена, расширеност, промени што ги предизвикува и каков ефект има кај перцепиентот.

Социолошката визура на филмот најчесто се опфаќа од страна на коментаторите, особено оние кои имаат за цел да политизираат и создаваат теории на заговор. Таа визура е релевантна, но постојат интринзични карактеристики на филмот кој ретко кој ги зема предвид, поради недоволната естетичка едуцираност на коментаторот.

Ќе наведам неколку од нив:

Филмот „Медена земја“ е документарен филм по многу карактеристики. Тоа значи дека нема фикциски карактер во улогата на носителитена дејството и средината и контекстот кој се снимаат не се случуваат по некое сценарио кои излегува од имагинацијата на авторот. Во документарните филмови нема фикција или реалност. Тој е инспириран од спонтанитетот на појавите.

Дури и да се снима по одредено сценарио, режисерот настојува објектот на снимање да не претрпи никаква промена поради сознанието дека треба да се кадрира. Кога за некој филм ќе кажете дека е реалистички или натуралистички, тоа значи дека постојат и посредни механизми и симболика во прикажување на ситуацијата или контекстот.

Во документарците нема потреба од внатрешна симболика, поради тоа и динамиката на случувањата и дејствата е забавена, дури и не постоечка. Во документарецот нема дејство, нема акција и нема движење, но тоа не значи дека нема смисла. Успешен документарен филм е оној што успева низа од неврзани случувања да ја поврзе во смисловна целина.

Милчо Манчевски е македонски филмски режисер, сценарист, писател, фотограф. “Њујорк тајмс” го вклучи неговиот филм “Пред дождот” (1994) во листата на 1000 Најдобри филмови некогаш направени. Манчевски е автор на две изложби на фотографии, дела на фикција, како и книги, есеи и уметнички перформанси, чии дела имаат повеќе од 250 фестивалски проекции (вклучувајќи Венеција, Берлин, Торонто, Сао Паоло, Истанбул, Токио, Ерусалим, Хонг Конг, Стокхолм итн.) Додека пак неговите филмови се дистрибуирани во повеќе од 50 земји. Творештвото на Манчевски е вклучено во студиските програми на бројни универзитети и на средните училишта во Турција и во Италија, а исто така, тоа е предмет на две академски конференции (во Фиренца и Лајпциг). Манчевски има почесен докторат од московскиот ВГИК. 

Овој тип на филмови издвојува неколку обични и секојдневни ситуации, но не ги прикажува сите бидејќи ако ги прикажува сите би имале лајф шоу или ријалити шоу, документарецот ги избира само најрепрезентативните и тоа му дава смисла на холистичко ниво.
Филмот е наречен „Медена земја“ од неколку причини. Прво бидејќи Атиџе произведува и продава мед. Второ асоцира на земјата која Атиџе ја претставува а е блага, топла и создава пријатности како вкусот на медот за оние што се нејзини жители и ја чувствуваат како своја (ова некои го протолкуваа како патриотски акт на режисерите).

Секако придавката „медена“ стои за „Земја“ воопшто. За земја како состав на материјалното, како планета, но и како постоење воопшто, земја како битие.

Битието добива придавка „медено“ сакајќи да ја покаже важноста на Атиџе како лик кој живее поразлично од другите, кој нема карактеристики како што се физичка убавина, моќ, статус, образование и сл.

Но нејзиното постоење е медено бидејќи има смисла, драж и убавина, исто толку како и постоењето на секој друг поединец кој ги има сите карактеристики поради кои е високо вреднувано неговото постоење. Поентата со медената Атиџе е дека сите сме убави во очите на Бог, а само човечките очи гледаат искривено и полно со предрасуди, стереотипи и осуди.
Тематиката на филмот го опфаќа микро нивото, се занимава со секојдневието на еден човек, со неговото семејство и со мала етничка група на која ликот од филмот припаѓа. Колку и приказот да ги изоставува внатрешните симболи за поврзување во дејство, сепак надворешната симболика укажува на глобалистичкиот карактер на филмот.

Тоа значи дека Атиџе е прикажана во филмот како единствен лик, редок и оригинален.

Но отткако ќе го изгледате филмот можете да сфатите дека сите ние сме по малку Атиџе, сосема обични, непосредни, диви и слободни во нашите духови кои ги покриваме со волнени шалови и свилени ракавици.
Филмот е мултикомпозиционален спој на карактеристики, навидув едноставен, но многу длабок и суштински, засегнувачки, ангажирачки за гледачот. Секој може различно да го толкува, секој може различно да го коментира, легитимно е и да не ви се допаѓа, во естетичкиот суд – вкусот е значајна работа, но сепак не можеме да го одземеме меденото значење на номинациите за оскар и за тоа секој чест за авторите!

Автор: Магдалена Стојмановиќ

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.