Во Софија денеска започна лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, на кој оваа година ко-домаќини се Република Бугарија и Република Северна Македонија!

Објавил: Рејхан Бајрами | 10 ноември, 2020 12:37

Заев пристигна во Софија: „Отвораме ново поглавје во развојот на регионот“

Фото/Текст извор: ©Магазин.мк

Во Софија денеска започна лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, на кој оваа година ко-домаќини се Република Бугарија и Република Северна Македонија!

Македонската делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, а во која се и вицепремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи, пристигна во Софија каде што земјава заедно со Бугарија претседава со Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.

Имаме силна и очигледна политичка поддршка за процесот на проширување со земјите од регионот и треба да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани, рече Заев!

Новата динамика во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, пакетот за проширување од Европската комисија и сериозниот Економски и инвестициски план, заедно со напорите на Германското претседателство со Европскиот совет, е извонредна можност регионот на Западен Балкан сигурно да напредува кон ЕУ.

Пандемијата уште повеќе го обедини Западниот Балкан во борбата против невидливиот непријател, донесувајќи толеранција и соработка и создавајќи заедничка свесност дека хуманоста има предност пред политиката. Убеден сум дека со постигнатите резултати во текот на оваа година успеавме да ја збогатиме регионалната соработка и да го приближиме регионот кон ЕУ.

На отворањето на лидерскиот Самит за Западен Балкан во Софија се обративме со премиерот Борисов, а свои обраќања имаа и канцеларката на СР Германија, Ангела Меркел и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.

Во Софија денеска се очекува да стане збор и за преговарачката рамка за земјава за која Бугарија веќе ја стави првата блокада, а која ќе биде тема на дневен ред на Советот за општи работи на ЕУ за една недела, на 17 ноември.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести