Од Стојаноски прв се прости премиерот Зоран Заев, кој истакна дека ненадејната смрт на Стојаноски е загуба за академската заедница, за државата, за партијата СДСМ и за Општина Охрид.

Објавил: Македонка Димкин | 17 декември, 2018 18:22

Заев со емотивни проштални зборови: Јован остави траги што секогаш ќе се паметат!

Фото/Текст извор: ©онлине / магазин.мк

Премиерот Зоран Заев заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и министри во Владата денеска присуствуваа на комеморација за прерано починатиот градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојаноски, и им изразија сочувство на сопругата на Стојаноски, на членовите на семејството, и на колегите и соработниците на градоначалникот на Охрид и професор на Факултетот за туризам и угостителство во овој град.

Од Стојаноски прв се прости премиерот Зоран Заев, кој истакна дека ненадејната смрт на Стојаноски е загуба за академската заедница, за државата, за партијата СДСМ и за Општина Охрид.

Во овие моменти тешко е да се најдат зборови за утеха за семејството на Јован. Низ годините зад нас Јован даде огромен придонес со своето посветено работење, остави траги и предизвикуваше почит што секогаш ќе се паметат. Тој беше колега, пријател и голем професионалец. Како градоначалник беше посветен на својата визија Охрид да биде вистинска европска, културна и туристичка престолнина. Беше секогаш препознаен како човек пријател, сограѓанин со топла и непосредна природа, отворен за разговор за секој личен проблем, за секоја иницијатива и предлог почитуваше и разбираше.

Неговите постапки и однесувања со одмереност, ненаметливост и внимателност ги споделуваше со сите со кои соработуваше или се среќаваше. Тие вредности правеа од секој негов колега, соработник, пријател и од сите сограѓани во градот и пошироката заедница да му возвраќаат на ист начин – со длабока почит, рече Заев.

Во име на пратениците, проштално обраќање имаше пратеникот Томислав Тунтев.

„Занимавањето со политика може да биде благородно и неблагородно, ценето и неценето. Тој физички не е меѓу нас. Но, само во форма во која би сакале. Јован е до нас и со нас денес. Јован друже, не се договоривме вака. Велат, човек умира двапати. Еднаш физички кога ќе го снема и еднаш кога нема да се споменува. Затоа друже, вечно ќе живееш во нас. Вечерта кога победи за градоначалник одевме кон плоштад и ми рече ‘Друже, што направивме, од вечерва го менуваме светот. Сè ќе си биде само нас ќе нè нема’, така зборувавме со Јован. Збогум пријателе, збогум градоначалник, збогум голем човеку“, рече пратеникот Томислав Тунтев во своето проштално обраќање.

На комеморацијата се обрати и синот на починатиот градоначалник. Димитар Стојаноски, кој зборувајќи за татко си, рече дека по победата на локалните избори, охридскиот градоначалник рекол „Луѓе дајте да живееме за Охрид“.

„Фин беше. Уште како дете ме носеше на натпревари и ми велеше ‘ќе те научам што е љубов’. Пред некој ден дојде дома на еден час. Заспа веднаш. Му велам ‘Како можеш да заспиеш толку брзо?’, а тој возврати ‘Сине, мене совеста ми е чиста’. Ме учеше да ги почитуваме вредностите на животот“, рече Димитар, синот на починатиот градоначалник на Охрид.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести