Владата започна да ги подготвува амандманите кои ќе се процесуираат до законодавниот дом на поединечно одобрување, процес за кој е потребна поддршка од просто мнозинство

Објавил: Мирко Бачиќ | 23 октомври, 2018 8:12

Започнуваат подготовките за амандманите

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Владата се подготвува за уставните измени, а нацрт амандманите ќе се изработуваат во инклузивен процес заедно со пратениците во Собранието.

Очекувањата се целиот процес да заврши за помалку од 15 дена.

Премиерот Заев на твитер порача дека сите ќе бидат горди на пратениците за историската одлука која ја донесоа.

При подготовката на амандманите, најверојатно во нивната содржина ќе бидат инкорпорирани и барањата на групата опозициски пратеници кои својот глас при првичната подршка го условија со прифаќање на четирите амандмани, меѓу кои и амандман за гаранција на македонскиот идентитет.

ДУИ и Беса на Гаши соопштија дека нема да поднесуваат дополнителни амндмани затоа што за нив нема повисок интерес за Албанците во Македонија од зачленувањето во НАТО. Секое  дневнополитичко профитирање може да го загрози евроинтегративниот процес.

Но ваквиот став не го делат Алијансата на Зијадин Села и Беса на Касами. Арбен Таравари во телефонски разговор ни изјави дека ќе инсистираат на промена на преамбулата а  албанскиот јазик да биде втор официјален јазик во државата.

Со слични барања е и партијата на Касами. Оттаму не откриваат дали  со дополнителните амандмани ќе го условат гласањето во Парламентот.

По доставувањето на амандманите во Собранието започнува втората фаза. Деловникот предвидува од моментот на доставување до одржување на пленарната седница за нивно усвојување да поминат најмалку 30 дена.

Претресот за секој нацрт амандман поединечно може да трае најмногу три дена, но може да заврши и побрзо. За гласање во втората фаза потребно е апсолутно мнозинство, односно 61 глас по што за нацрт амандманите почнува да се води јавна расправа чие времетраење го утврдува Законодавниот дом.

Во оваа меѓуфаза, Владата треба да ги изготви предлог амандманите и да ги достави до Собранието, за што повторно течат рокови од 30 дена.

Предлозите се разгледуваат во Комисијата за уставни прашања и законодавно правната комисија и на крај на пленарна седница.

Конечната одлука за измена на Уставот се носи со двотретниско мнозинство. Се очекува целата постапка да заврши за три месеци.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести