Осмомартовска честитка за припадничките на поубавиот, понежниот и поборбениот пол.

Објавил: Магдалена Стојмановиќ | 7 март, 2020 9:45

За жените кои заборавиле да се смеат и за жените кои не престанале да се борат!

Фото/Текст извор: ©магазин

За сите жени кои се баби, мајки, сестри, ќерки, тетки, стрини, вујни, братучедки, куми, пријателки, другарки, колешки, директорки, менаџерки, чистачки, обични работнички, државни и административни службенички, слободни уметнички, хетеросексуалки, хомосексуалки, со високо образование, со средно образование, со основно образование, без никакво образование, магистри и доктори на науки, за жените со кариери, за жени професионалки, за семејни жени, за жени кои се максимално посветени на децата, за жени кои се сингл, за жени кои имаат партнер, за жени кои имаат неколку партнери, жени кои сами си ги плаќаат сметките, за жени кои зависат од семејниот буџет, за оние кои имаат проблематичен ПМС, оние кои немаат проблем со ПМС, за машкасти жени, за женствени жени, за жени кои родиле, за жени кои не родиле, за мажените, за немажените, за црните, за белите, за жолтите, за оние со шамија и оние без шамија, за религиозните, за атеистките, за традиционалните, за либералните, за старите и за младите…

За сите жени на овој свет, е интернационален ден на жената. После вековна борба, жената да добие глас што произлегува од нејзиното автентично разбирање на своето родово битие, токму 8ми Март пред 110 години е прогласен за ден посветен само на жената.

На вашиот ден не е важно дали сте излегле без шминка и со неисфенирана коса, дали чевлите ви се чисти, дали садовите ви се измиени, дали сите барања на менаџментот се исполнети, дали сте се слушнале со саканиот, дали некој ве озборувал, дали некој ви наштетил, дали некој некогаш ве натажил, дали во животот сте доживеале пораз, дали сте биле доволно храбри, дали сте биле доволно паметни, дали сте дале се од себе, дали сте успеале, дали сте биле разочарани, дали некогаш сте плачеле.

Не треба да престанеме да им се заблагодаруваме на храбрите хероини кои го кренале гласот против патријархалните стеги и поради кои јас како жена денеска можам да го напишам ова благодарам во јавен простор.

Важно е само тоа што сте жени, симболи на убавината, суштества различни од мажите, со толку многу посебности што се повод да се чувствувате возвишени, а не омаловажени и проколнати поради фактот што не сте мажи. Вие носите градници, имате колкови, различно се смеете, раѓате деца, имате јајце клетка, нежни раце, мајчинска љубов, имате топлина и милост, имате љубов за сите деца на светот како да се ваши, вие сте најдобрите учителки, жртви за сопственото семејство, вие сте најфаталната помисла на маж во текот на денот, без вас не се може, дури и да се мора. Вие сте смислата на светот и никогаш немојте да се престанете да се борите за своите права и за својата слобода. Бидете светски хероини, бидете регионални херонини, бидете државни хероини, локални хероини, маалски хероини, бидете хероини во потесникот или поширокиот круг на семејството. Дајте му ја на светот материјата без која тој не би бил убав, ни возвишен, ниту би знаел да тагува, да љуби, да биде повреден, да биде несреќен, да биде радосен, да чувствува, да итуитира, да размислува различно, да зборува без паузи, да е детинест, да е разигран, да е сериозен или несериозен, да е распеан, да танцува во посебен космички ритам, да биде посилен и од породилна болка, научете го светот дека постои една димензија која другите не можат да ја видат, ако не се жени.

Среќен 8ми Март!

Автор: Стојмановиќ Магдалена 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.