Бујар Османи ја релативизираше ланската изјава на Заев и рече дека за Македонија се уште нема одлука за преговори, но очекува членките на ЕУ да ни дадат датум во јуни

Објавил: Данаил Михајловски | 3 април, 2019 14:29

Османи очекува преговори со ЕУ во јуни, Хан збори за подготвителна фаза, Димитров итно во Берлин

Фото/Текст извор: ©магазин

Од дипломатски извори дознаваме дека министерот Никола Димитров на 8 и 9ти Април ќе го посети Берлин, каде ќе се сретне се колегата Хајко Мас и ќе го замоли Германија да ургира Холандија, Франција и Данска да прифатат Македонија во јуни да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. Премиерот Заев лично му препорачал на Димитров да направи се што може на дипломатски план за земјава да добие датум за преговори во јуни, а алармот се запалил после вчерашната изјава на Хан во Европскиот парламент кој кажа дека “Северна Македонија нема да добие датум за преговори во Јуни, туку предлог за подготвителна фаза“. Заев и Бујар Османи биле непријатно изненадени од ваквата изјава на Хан, бидејќи уште пред неколку месеци беа сигурни дека потпишувањето на Преспанскиот договор и менувањето на Уставот се доволна концесија за датум на Самитот на ЕУ во јуни.

Сепак, министерот Никола Димитров и не бил сосема изненаден од ваквите изјави на Хан. Кон крајот на март Димитров во МНР ги прими помошниците на германскиот министер за надворешни работи, Кристиан Хелбах и Томас Осовски, кои се задолжени за креирањето на политиките на Германија за Балканот и за проширувањето на ЕУ. Димитров пред гостите се пофалил со договорот од Преспа и со десетина нови донесени реформски закони, но амбасадорите Хелбах и Осовски му укажале дека и Берлин, Париз и Хаг не се воодушевени од бројката на закони донесени по скратена постапка, туку дека им треба реален доказ за нивната ефикасна имплементација. Германските соговорници напоменале дека земјата сеуште не покажува задоволителен капацитет за неселективно владеење на правото, дека нивото на корупција е прилично високо, како и тоа дека не се видливи резултатите од многу најавуваните реформи во администрацијата и судството.

Во Јуни 2018та Заев во интервју за Дојче Веле изјави: “Добивме чист датум за преговори – јуни 2019. Ова е историска одлука за Македонија. Дотогаш, заедно со нашите партнери од Европската комисија, заеднички ќе работиме на остварување на критериумите, имплементација на фазите од Договорот со Грција и финализација на реформите. Многу сме блиску до нашата цел да ги достигнеме стандардите на ЕУ“. Претходно Заев, Бујар, Димитров и Анѓушев објавија и селфи-фотографија на која со насмевки и лајк го прославија добивањето на датум за преговори со ЕУ. Сега испаѓа дека тоа било само “fake news”.

Друг регионален хендикеп бил и фактот што, според германските амбасадори, Париз и Хаг ги гледаат и оценуваат Македонија и Албанија во пакет, а дека силната поларизација и тензии меѓу владата и опозицијата во Тирана даваат негативен ефект за заедничкиот имиџ во регионот. Во Берлин исто така има нејаснотии дали македонската влада има единствен став по ова прашање, односно дали министрите Албанци посакуваат или се против тоа Македонија да биде посебно или заеднички во пакет оценувана со Албанија како кандидат за членство во ЕУ. 

Дипломатите во Париз и Хаг исто така не биле задоволни што политичари од македонската влада предвреме и јавно истакнувале дека земјата добила одлука за преговори со ЕУ, што не е коректно, а европските дипломати го сметале и како своевиден притисок врз нив, што може да донесе и контраефект. Најреалното сценарио е Европската комисија кон крајот на мај да даде извештај во кој ќе постои препораката за почеток на преговорите, но Советот на ЕУ би донел заклучок со дипломатска фраза дека “на Северна Македонија и се препорачува да изоди една подготвителна фаза од неколку месеци, под водство на Европската комисија“. Потоа на есенскиот Самит на ЕУ во Ноември 2019 би се расправало дали има консензус за носење на одлука за датум за преговори и доколку се постигне едногласност, тогаш во најдобар случај Македонија би можела да ги започне преговорите во Март 2020 година. Преговорите според Хан би траеле најмалку 8 години, така што Македонија би можела да очекува да стане полноправна членка на ЕУ во периодот 2028/29 година. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести