Токму „цивилизираниот Запад“ е оној што ја носи примарната одговорност за распадот на Југославија, а не нејзините народи.

Објавил: Македонка Димкин | 26 август, 2018 1:07

Преспанскиот договор е зготвен во Пентагон

Фото/Текст извор: ©нова македонија
ИНТЕРВЈУ СО ВАСИЛИС ФОУСКАС, ПРОФЕСОР ПО МЕЃУНАРОДНИ ОДНОСИ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ НА ИСТОЧЕН ЛОНДОН

Преспанскиот договор е предмет на меѓународни фалби до степен на заслуга за Нобелова награда за мир. Јавноста во двете земји како да не се согласува со ваквите оцени. Според вас, дали овој договор е знак на нова зрелост на политичките елити и на кадарноста на двете земји да надминат долгогодишен спор на цивилизиран и европски начин?

Договорот беше зготвен во Пентагон и во Берлин, па, оттука, тој им служи првенствено на интересите на САД и на Германија. И во двете земји, Грција и Македонија, јас стојам со оној дел на јавноста што ја препознава оваа реалност, односно геополитичките и културните пориви на НАТО и на Европа, предводена од Германија, со цел Русија да се исклучи од Балканот. Не постои нешто такво како „цивилизиран и европски начин“, како да сите преостанати – словенски, црни, кинески и слични – се варварски и завојувачки. Токму „цивилизираниот Запад“ е оној што ја носи примарната одговорност за распадот на Југославија, а не нејзините народи.

Како ги толкувате мотивацијата и подготвеноста на Ципрас и на СИРИЗА да го прифатат договорот, кој ги става во незавидна политичка позиција?

Договорот беше произведен во западните центри на моќ, но коинцидираше со желбата на грчкото министерство за надворешни работи да предизвика расцеп во главната десничарска Неа демократија и, секако, да го сврти вниманието на јавноста од вистинскиот проблем, а тоа е суровата политика на штедење. Оттука, зад договорот стои грчкото МНР, а не СИРИЗА како партија.

Дали СИРИЗА располага со доволен политички капитал и парламентарна поддршка за ратификација на договорот?

СИРИЗА ќе профитира од договорот на евентуални избори, бидејќи тој го фаворизира грчкиот национален интерес, кој пак е идентичен со НАТО-интересите. Оние грчки хиперпатриоти што викаат по улиците не ни знаат зошто викаат. Дали националистичката партија што го поддржува Ципрас во парламентот ќе гласа за договорот? Да, ќе гласа. Се сеќавате на Макс Вебер? Она што ги обединува коалициите, велеше големиот германски социолог, не се идеологиите, туку материјалните бирократски интереси, односно она што јас би го нарекол – класни интереси. Г. Каменос нема да ја напушти својата министерска плата за нова авантура во полза на својата „националистичка“ или „патриотска“ идеологија.
Заев е тука да ги испорача НАТО и ЕУ; тој нема политичка програма. Тој го прави тоа, а потоа заминува, особено кога Македонците ќе сфатат колку било залудно да се очекува безбедност од НАТО и просперитет од ЕУ. Она што ќе го добиете од ЕУ е европскиот пасош. Тогаш ќе можете полесно да емигрирате во Австрија, вели Фоускас
Премиерот Заев се обидува да го „продаде“ договорот во јавноста, со ветување дека тој ги отвора портите за брза интеграција во НАТО и во ЕУ. Дали членството во НАТО ќе донесе мир и благосостојба за Република (Северна) Македонија?

Империјалните сили никогаш не ги решаваат проблемите. Тие само ги поправаат. Погледнете наоколу. Во поглед на безбедноста: дали Грција профитираше од членството во НАТО? Не. Турција, друга НАТО-членка, за Грција претставува перманентен извор на закана во Егејот и на Кипар. И сѐ додека постојат тензиите, грчките и турските даночни обврзници и натаму ќе ја финансираат бесмислената трка во вооружување за сметка на својата благосостојба. Во поглед на благосостојбата (иако прашањата се тесно поврзани, како што може да видите): дали Грција профитираше од членството во ЕУ/еврозоната? Сосема обратно, како што знаете! Или дали можеби Италија, многу поголема држава, виде некаква бенефиција? Воопшто не. Италија сериозно размислува за паралелна валута. Сѐ на сѐ, договорот го поправа проблемот, но не го решава.
ЕУ се соочува со сложена внатрешна криза, но кандидатките за членство во неа гледаат универзален лек за сите свои слабости и проблеми. Имајќи ги предвид искуствата на социоекономската и должничката криза во Грција, дали мислите дека ваквите ветувања ќе ѝ се вратат како бумеранг на владата на Заев?

Јас се спротивставував на влезот на Грција во тогашната ЕЕЗ, додека уште бев студент. Уште тогаш можев да видам дека Грција не може да се натпреварува на единствениот пазар со производителите на Северот, или дури и со Шпанија. Подоцна, кога Мастришкиот договор ја навести заедничката валута, станав уште поскептичен. Како може да постои заедничка валута без фискален и политички ентитет што би ја поткрепувал? Конечно, додека ги читав делата на научници како Ендру Гамбл, Боб Џесоп, Варнер Бонефелд, Кен Дајсон и други, дека ЕУ/еврозоната не се ништо друго освен ордолиберална конструкција што целосно го следи германскиот облик на капитализам, т.е. претпоставува: деполитизација на економската сфера, стриктна независност на Централната банка, антиинфлаторна пристрасност, ниски плати и пораст воден со извоз и, конечно, она што Мишел Фуко го нарекува биополитика. Што е биополитиката? Веќе сигурно сте ги слушнале оние дискурси за „јакнење на поединецот“ или за „претприемачкиот менталитет“, или за „работниците што се чувствуваат коодговорно со претприемачите во водењето на бизнисот“ итн. Биополитиката е поврзана со стратегијата на индивидуализација од страна на владејачките класи за креирање култура на субординација и прифаќање на капитализмот и консумеризмот од работниците, така што единствениот општествен систем што може да постои е токму овој што е веќе тука, па, оттаму, и слоганот ТИНА (There Is No Alternative). Цела Европа, вклучувајќи ја и Франција, се потчини на германскиот модел. Нема веќе ни потреба од воени инвазии. Германскиот неоимперијализам постои и на Акропол и во центарот на Скопје, преку ордолибералната институционализирана економија. Кога политиката на штедење и дисциплина предводена од Германија ќе почне да го гризе македонскиот народ, Заев може веќе и да не биде на власт. Заев е тука да ги испорача НАТО и ЕУ; тој нема политичка програма. Тој го прави тоа, а потоа заминува, особено кога Македонците ќе сфатат колку било залудно да се очекува безбедност од НАТО и просперитет од ЕУ. Она што ќе го добиете од ЕУ е европскиот пасош. Тогаш ќе можете полесно да емигрирате во Австрија. Како резултат на тоа, нашите општества ќе стануваат сѐ посиромашни.

Во еден недамнешен текст напишавте дека Преспанскиот договор креира геополитички дисбаланс на Балканот. Што имавте на ум со оваа теза?

Од почетокот на Студената војна, грижата на САД беше како да ги отстранат СССР/Русија од Балканот и Источниот Медитеран, а Маовата Кина од Југоисточна Азија. Тие сѐ уште се трудат да го направат тоа, па тука ќе ве потсетам дека договорот (неславниот „договор за процентите“) за Југославија беше 50-50. Разграбувањето на Југославија зеде официјална форма кога Германија и Ватикан тргнаа во унилатерално признавање на независноста на Словенија и Хрватска. Едно од оружјата на западните земји беше регрутирањето локални елити што ќе ја вршат нивната работа. Кабинетите на Заев и на Ципрас се токму такви локални елити. Главниот геополитички и културен удар на Преспанскиот договор е сепарирањето на Северните од Јужните Словени – вклучувајќи ја, колку што е можно, и Србија сѐ додека таа не влезе сосема под западна закрила – а, како последица, да ѝ се наштети на Русија. Единствената закана за регионалната стабилност е источниот порив на НАТО да го дестабилизира режимот на Путин преку Украина, а Преспанскиот договор работи токму во таа насока: со поправка на „дупките“ во заднината. Кина е закана во степен во кој нејзината глобална стратегија за стекнување капитал го потиснува западниот бизнис и ја поткопува инфраструктурата на НАТО низ стратегискиот театар од Јужна Евроазија од Гварад во Пакистан до Суец и Белград.

Пропонентите на договорот веруваат дека тој носи финална солуција за еден идентитетски проблем, но вие укажувате дека социоекономската криза е многу позначајна за граѓаните во регионот.

Аристотел рекол: „Јас сум жител на светот“. Во „Капитал“, Маркс се декларирал како „ученик“ на Аристотел. Сите балкански народи страдаат од етнички и верски конфликти со децении. За што? За чиј интерес? Крајно време е во оваа глобална ера на политика на штедење и авторитарност да ги обединиме нашите гласови и борба против оние што нѐ делат толку долго: западните империјални интереси и нивните локални застапници. За да се случи ова, низ Балканот мораме да трагаме по водство што ќе ги претставува интересите на работните луѓе и да се бориме за социјалистичка балканска конфедерација, која ќе биде изградена одоздола нагоре. Ова е единствената надеж, дури и ако Преспанскиот договор успее да се реализира, или токму поради него. М.В.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Интервју

„Има документи, согласности, уснени согласности, телефонски разговори, за секој пациент докторите се должни да ги информираат. Ние први воведовме видеоконференција

Жан Митрев: Не се плашам од обвинение, ќе се докажувам и 100 години ако треба – никогаш не сум рекол дека хемофилтрацијата е лек

Неговиот вечерашен јавен настап во кој се бранеше од наводите во документарниот филм...

Зошто никој не зборува за германскиот предлог во времето на владата на Меркел, од нивното претседателство, каде исчезна тој?

Имам информации дека владата на Ковачевски го прифатила предлогот од Париз

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вчерашното гостување во емисијата...

„Јас не се занимавам со економијата на семејството, колку пари кружеле… Добро е, дојдете еден ден кај мене дома, зборувајте со мојата сопруга“, рече Ахмети.

Ахмети не знае колку чини маслото за јадење: Зборувајте со сопругата, не се занимавам со економијата на семејството

Лидерот на ДУИ Али Ахмети во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21кажа дека...

Вели дека е подготвен во секој момент да седне на маса и да разговара за сите теми со Ковачевски, но на тие средби ќе мора да се разговара и за предвремени ибори.

Мицкоски: Немам намера никого да уценувам, подготвен сум во секој момент да седнам на маса

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека блокадата на Собранието не е начин...