Свети Василј Острошки е чудотворец кој лекувал болни и кој и покрај заканите од тогашните турски власти, никогаш не се откажал од вербата во Бога.

Објавил: admin@magazin | 14 април, 2019 11:49

ЧУДАТА НА СВЕТИ ВАСИЛИЈ ОСТРОШКИ- слепи прогледуваат, болни оздравуваат, инвалиди проодуваат…

Фото/Текст извор: ©мотика

Издлабен во карпа, чиниш лебди, издигнат над рајска шума, на надморска височина од 900 метри е домот на големиот чудотворец, Василиј Острошки, манастир кој секојдневно е прибежиште на илјадници верници кои тргаат по мир, здравје и чуда.

За стотици верници овој манастир секојдневно е местото каде тие следејќи ја верата го пронаоѓаат лекот, мирот и спасението …се раскажуваат вистински приказни за инвалиди кои прооделе, за болни кои се излекувале, за жени кои по посетата станале мајки по долги години, секој за својата мака, велат, тука нашол лек.
Манастирот Свети Василиј Острошки датира од 17 век и е сместен во карпест крај во Црна Гора, помеѓу Никшиќ и Подгорица.

Ова свето место во текот на целата година е најпосетено светилиште во Црна Гора, а после Христовиот гроб и Светата гора, ова е третото најпосетено светилиште во христијанскиот свет. Што уште повеќе говори дека чудата на овој светец се вистински.

Телото на Свети Василиј монасите го погребале во гробница под црквата Воведение на Мајката Божја, а верниците доаѓале на неговиот гроб да се молат за здравје и помош. А чудата секојдневно се случувале.

За човекот кој животот го посвети на верата.

Свети Василј Острошки е чудотворец кој лекувал болни и кој и покрај заканите од тогашните турски власти, никогаш не се откажал од вербата во Бога. Тој е роден во селото Мркоњиќ, Попово Поле Во Босна и Херцеговина на 28 декември 1610 година во сиромашно семејство. Уште од мали нозе, родителите го учеле на скромност, на духовно богатство и вера. Роден како Стојан, растел пасејќи овци, учен од своите за Бога, за соживот и за несебичност.

За да го заштитат од турскиот аскер кој ги земал машките деца за јаничарската војска, неговите го праќаат во манастир, каде и останал до крајот на животот, а потоа бил прогласен и за светец. Монашкиот живот го почнува под закрила на својот чичко, игумен Серафим во најблискиот манастир. По замонашувањето го прима името Василиј. Животот го поминал меѓу народот, зачувувајќи ја верата во опасните времиња, служејќи му на Бога и посетувајќи манастири. Честопати бил напаѓан од неверници, од турската војска, од непријатели, но тоа не му била пречка во неговата благородна мисија за зачувување на верата меѓу народот. Починал на 29 април 1671 година во манстриот Острог.

Чудотворната лоза израсната во карпа

Најголемиот дел од својот живот чудотворецот го поминал во овој манастир. И ден-денеска, неколку века по неговата смрт, на местото каде што починал, во неговите одаи, расте винова лоза сред карпа. Ова е вистинско чудо. Се раскажува дека оваа лоза изникнала на денот на неговата смрт сред карпа, без вода, без семе и без земјиште, како сведок за моќта на светецот.
Многу жени раскажуваат дека токму плодовите на оваа лоза им помогнал да зачнат живот, откако изгубиле надеж дека некогаш ќе бидат мајки.

Според обичаите, кога некој го посетува манастирот треба со себе да понесе нешто, најчесто оставаат дар машки чорапи и шеќер во коцки. Оној кој милува може да си освети нешто за во домот. Најчесо се носат маички, пешкири и чорапи.

Прогласувањето за светец

Телото на Свети Василиј монасите го погребале во гробница под црквата Воведение на Мајката Божја, а верниците доаѓале на неговиот гроб да се молат за здравје и помош. А чудата секојдневно се случувале. Седум години по неговата смрт, светецот му се јавил на сон на тогашниот игумен на манастирот Свети Лука во Парохијата во близина на Никшиќ. Тој го игнорирал сонот, но светецот продолжил да му се јавува. Тој на сон побарал од него да го откопа неговиот гроб. Како што ми раскажаа, по третиот сон игуменот решил да го стори тоа. Заедно со монасите го сториле тоа и останале зачудени. Неговото тело не било воопшто распадното, било жолтеникаво и мирисало на босилек. Тогаш тие сфатиле дека овој човек навистина е светец. На 12 мај тој бил прогласен на светец и тој ден е негов празник во негова чест. Неговите мошти се пренесени во малата црква пред манастирот, каде секојдневно, верници се молат за здравје, а луѓето се сведоци за чудата и моќта на верата.

За чудата, за моќта, за верата

Но, она што го ги спои верниците, но и скептиците од целиот Балкан, но и пошироко се чудата кои секојдневно се случуваат во ова свето место. Додека патуваме накај манастирот слушнав многу приказни за чуда кои се случиле. Многу болни, толку болни што дури и докторите не им даваат повеќе надеж ја повратиле силата откако поминале ноќ под ведро небо во дворот на манастирот посветен на светецот. Речеси скојдневно стотици верници се одлучуваат да спијат во манастирот за здравје, за среќа, за спокој и мир на душата. Во склоп на манастирот има и конаци, но бидејќи тие се доволни за многубројните верници, повеќето од нив спијат под ведро небо, чувани од чудотворецот Василиј.

„Стигнавме околу 14.30 часот, и речиси час и половина чекавме да влеземе во малата и стара црква каде се сместени моштите на светецот. Како што е ред, ги оставивме подароците, а со нас го понесовме она што требаше да се освети. Понесовме наши работи, но и работи за болни пријатели, кои ете по нас побараа здравје. Мир, сонце, тишина, сите мирно чекаа да им дојде редот…а во тие час и половина ни жед ни болка во нозете, само некое спокојство кое ја спојува таа огромна бројка на луѓе дојдени за иста цел.

Црквата е навистина мала, а во неа еден отец кој ако побарате ќе ви прочита и молитва за Вашата мака. Ни рекоа да не се задржуваме многу бидејќи редот на посетители беше навистина долг. Се поклонивме пред моштите на светецот, се помоливме и го допревме тоа што требаше да се освети.
Лица искрени, намачени, Македонци, Срби, Бругари, Руси, дури и француски и англиски слушнав во дворот на манастирот преполн со луѓе дојдени со верба.
Раскажуваат како некој проодел откако неговата мајка секојдневно се молела на светецот, други кажуваат за болни кои станале од постелата, трети пак велат дека чудотворецот им помогнал да станат родители.
Мир и спокојство, чиниш душата ти се смирува и се сплотува со небесната шир која го опкружува ова свето, ова чудотворно место.
„Животот ми тргна на подобро откако преспав во манастирот“.

Една од сопатничките, скопјанката Билјана отворено раскажа за вербата во чудата на Василиј Острошки и за нејзинито искуство.

И ден-денеска, неколку века по неговата смрт, на местото каде што починал, во неговите одаи, расте винова лоза сред карпа.

Таа раскажува дека честопати слушала за манастирот, но некако без многу верба игнорирала. Прв пат ја видела турата за посета на Фејсбук, но само одминала. Вториот пат кога повторно ја видела некако се заинтересирала, а веќе по трет пат вели таа, кога се појавила, нешто како да на натерало да тргне. Не можејќи да најде друштво, тргнала сама, решена да преспие.
„Стигнавме и имаше неколку стотици луѓе“, ја почнува таа својата приказна додека се враќаме од манастирот, сите поспокојни. Таа вели дека кога стигнала немало место во конаците, па решила да преспие во дворот, како и многумина други. Вели дека воопшто не била подготвена, ни ќебе, ни перница.
„Оттаму ми дадоа неколку ќебиња и перница, а и душеци за да постелиме.

Нормално, никогаш не би спиела на нешто нечисто, а тогаш воопшто не почувствував ни гадење, ни грижа, воопшто не ни помислив колку луѓе ги користеле пред мене“, се потсетува Билјана. Вели дека си легнала околу 20 часот.

„Толку луѓе на едно место, а толку беше мирно и спокојно“ – вели таа и додева дека нај воодушевувачки момент и било кога влегла во одајата со моштите. „Бевме околу пет лица заедно. Молчевме и стоевме. Наеднаш сите во ист миг се свртевме и излеговме, без никој збор да каже. Беше тоа магичен миг, како на прочистување, на препородување“.

Додека раскажува се насмевнува, искрена е и вели дека на сите им кажува за своето посетување на манастирот и вели дека треба самите да ја почувствуваат неговата моќ. Таа се сеќава дека до неа спиеле мајка и две дечиња, околу три и петгодишна возраст. Се сеќава колку биле тие мирни, послушни и воопшто не биле исплашени што спиеле надвор таа ноќ.

„Се разбудив околу 2 часот по полноќ, а се чувствува како да сум спиела повеќе од десетина часа. Рано утрото ја посетив литургијата и се чувствува толку убаво, смирено“.
Билјана раскажува дека секоја ноќ по неколку стотици луѓе преспиваат во манастирот и во конаците и дека никој никогаш не се пожалил на студ, на болка, на страв.
„Тоа е еден мир и енергија која мора да ги доживееш“ вели таа, која додава дека после преспивањето нејзиниот живот тргнал на подобро.

Додава дека ова и втор пат, и дека ќе го посети манастирот уште еднаш, бидејќи според обичаите, мора да е непарен број на посети.
По нејзина препорака и прекрасното искуство, нејзина пријателка која немала деца преспала во манастирот, и следната година родила детенце.
Чудна е вербата, уште почудни се искуствата на верниците, но како што велат, за арно е…чудата секојдневно се случуваат, а многубројните реки посетители на овој манастир говорат дека таму чудата се вистински и дека моќта на овој светец е голема.

Она што е интересно, а воедно и уште чудо, е што секоја година му ги менуваат чевлите на светецот бидејќи ѓоновите се излитени. Верниците велат дека тој и ден-денеска шета меѓу народот одговарајќи на молитвите, помагајќи на болните и зајакнувајќи ја верата. Самиот предел околу манастирот и како да се стигне до него е стрмен и опасен, но велат ,тука никогаш не се случила сообраќајна незгода бидејќи светецот го чува овој крај.
Голема е моќта, вербата и чудата, а ако верувате посетете го ова свето место во карпата и самите почувствувајте ја таа моќ, тој мир и спокојство кое ви ја полни душата со нешто преубаво.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Здравје

Дијагнозата во типичните случаи лесно се поставува врз основа на податоците од родителот за тегобите на детето,прегледот на детето и рутински биохемиски иследувања(леукоцити и леукоцитна формула ).

Кога се зголемуваат лимфните жлезди?

Зголемени лимфни жлезди не се ретка појава. Може да бидат последица на обична настинка...