Претседателот Иванов на централната манифестација во Крушево со јасни пораки и за Илинден и за политичката криза која се создаде со Договот за промена на името

Објавил: Мирко Бачиќ | 2 август, 2018 14:07

Иванов: “Судбината на Македонија е во рацете на самите Македонци!”

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Не го прифаќам грчкиот договор кој е на штета на македонскиот национален идентитет и на штета на интересите на Република Македонија. 

Нема да ме поколебаат разните обиди за притисоци. Останувам доследен на мојот принципиелен став – истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во илинденското обраќање од Мечкин Камен.

“Истовремено – повикувам да престане да се злоупотребува остварувањето на нашите стратешки цели и определби. Европската Унија и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор – кој ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси на Република Македонија.”

Најголемиот показател за вредностите на една нација е консензусот околу она што не е за продажба – потенцираше Иванов.

“Лекцијата што постојано ни се повторува бидејќи никако да ја научиме е следната: најголемите национални катастрофи на Македонија и се случувале тогаш кога е заобиколувана општата волја и кога е напуштан националниот консензус.” – порача Иванов.

Републиката постои – потсети Иванов – за да го заштити општото добро од секој оној што ќе посака да го присвои само за себе.

“Смислата на републиканските механизми е да ја спречат злоупотребата на власта за тесни лични и партиски интереси. Секогаш кога тесните лични и партиски интереси го завземаат местото на трајните интереси на Републиката се завршувало со национална катастрофа.” – подвлече македонскиот претседател.

Потсетувајќи на познатата мисла од Блаже Конески “Големо ни е името – ќе посакаат да ни го земат” – Иванов рече дали со штетниот грчки договор сега ние сами – доброволно им го даваме името.

“Прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав – од секоја Влада – од секоја партија – од секој претседател. Постаро е дури и од државата. Ниту еден поединец – од ниту една генерација – нема право да тргува со тоа имe и со тој идентитет.” – потенцираше претседателот Иванов.

Знаејќи какво е семето – Мисирков уште пред 115 години посочил каков ќе биде плодот – додаде Иванов во обраќањето.

“Тој речиси пророчки не предупредува за ова кобна македонска одлика и вели: “Собитијата што се развија до сега ни покажаа колку ние самите можеме да си напакостиме – мислејќи дека постапуваме правилно.” Затоа и авторот на последниот македонски манифест – оној што предмалку го чувме – прашувајќи кој тоа ни го брише минатото за да ни ја одземе и иднината – без тронка задршка одговара: “Не обидувајте се никогаш вината да ја барате подалеку од нас!” – рече македонскиот претседател.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Илинден